Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

malesh-header

Согласно ЛЕАДЕР иновативниот пристап во рамки на руралната развојна политика на ЕУ во Делчево беше формирано основачко собрание на Локалната акциска група „Пијанец – Малеш“

На основачкоото собрание присуствуваа градоначалниците на Делчево, Пехчево и Берово како општини на чија територија се формира оваа локална акциска група и претставници од НВО и биснис секторот.

Формирањето на локални акциски групи е со цел развој на рурални подрачја и микро региони.

Развојот на територијата на руралните заедници е согласно со принципот одоздола нагоре, односно врз основа на реалните потреби и приоритетите искажани од сите засегнати страни на локално ниво се креираат политиките за развој и истите се имплементираат.

Со формирањето на ЛАГ „Малеш – Пијанец“ се отвора можноста општините вклучени во истиот да заедницчки со здружени сили да аплицираат за проекти со што би се обезбедиле средства за реализација на поголеми проекти од значење за населението во засегнатите општини.

Овој ЛАГ ќе има своја канцеларија, свои вработени лица, своја структура управен одбор, и сите со заеднички сили, вклучувајќи ги и членовите кои сакаат да се вклучат во овој ЛАГ, ќе можат да аплицираат за финансиски средства и со средствата што е се добијат да придонесат за развој на регионот.

ЛЕАДЕР е кратенка од францускиот назив “Liaison entre Actions de Developpment de l’Economie Rurale” што означува „Врски помеѓу руралната економија и акциите за рурален развој“. Тоа е метод за охрабрување и постигнување на локален развој во руралните средини.

ЛЕАДЕР е алатка која ги охрабрува и поттикнува заинтересираните страни кои живеат во руралните средини да истражат и изнајдат нови начини за заедничка соработка за да ги подобрат условите за живот.

Затоа ЛЕАДЕР придонесува за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини истовремено на фамилиите што живеат на фарми и на пошироката рурална популација на одредена територија.

ЛЕАДЕР се користи нашироко во земјите членки на ЕУ. Во моментот повеќе од 2.400 Локални Акциони Групи активно работаат во ЕУ.

Досегашните искуства покажуваат дека ЛЕАДЕР пристапот може да направи вистински промени во секојдевниот живот на луѓето во руралните области.

Според податоците на Директоратот за земјоделство и рурален развој - ДГ Агри (октомври,

2013) процентот на рурално население покриен со ЛЕАДЕР Локални Акциони Групи (ЛАГ- ови) во програмскиот период 2007 - 2013 изнесува 55.5% за EУ -27 (без податоците за Бугарија,  Естонија и Малта). Најголем процент на рурално население покриено со ЛАГ-ови има во Шведска (92.3%), а потоа следат Ирска (89.6%) и Данска (76.1%). Од друга страна, процентот е  помал од 20% во Словачка (14.3%).

Еден од клучните концепти за развој на ЕУ е концептот на „развој заснован на територија“, кој

промовира интегриран локален и регионален пристап во решавање на проблемите. Оваа политика базирана на територија има за цел да ги надмине слабостите за целосно искористување на локалните потенцијали. Европските практики покажуваат дека регионите што се во можност да ги мобилизираат своите внатрешни потенцијали имаат поголеми шанси да се развиваат побрзо отколку другите региони.

ЕУ ЛЕАДЕР пристапот се базира на 7 клучни карактеристики:

  1. Стратегија за локален развој на руралните средини заснована на територија
  2. Подготовка и спроведување на стратегии со пристап „од долу нагоре”
  3. Локално Јавно Приватно Партнерство - Локални Акциони Групи (ЛАГ)
  4. Потикнување на иновации
  5. Интегрирани и повеќесекторски активности
  6. Вмрежување и
  7. Соработка.

ЛЕАДЕР е холистички пристап „од долу нагоре” врз основа на специфичната природа на локалните проблеми, каде што локалните заинтересирани страни ги здружуваат силите за да ги искористат ефективно внатрешните потенцијали на нивната територија. ЛЕАДЕР е исто 4 така во согласност со ЕУ принципите на субсидијарност (одлуките да се донесуваат на нивоа што е можно поблиску до граѓаните) и напорите да се зајакне улогата на институциите на локално и регионално ниво.

ЛЕАДЕР охрабрува создавање на локални меѓу - секторски партнерства Локални Акциони Групи  или скратено ЛАГ-ови. ЛЕАДЕР пристапот дејствува како инструмент за финансирање што поддржува проекти каде развојот е во согласност со потребите на локалното население, а истовремено го подобруваат животниот стандард во руралните средини. Јасната додадена вредност на ЛАГ-овите и партнерствата лежи во фактот што тие вклучуваат локално население и ја потикнуваат интеракцијата и соработката помеѓу населението. Според Регулативата на ЕК за рурален развој (ЕК1689/2005), ЛАГ-от мора да биде јавно - приватно партнерство во кое учеството на граѓанскиот и приватниот сектор треба да биде поголемо од 50% од вкупниот број на членови.

Република Македонија направи големи напори во последните неколку години да ги исполни барањата за полноправно членство во ЕУ. Интеграција во ЕУ е важен предуслов за економски развој на државата. За да ги исполни условите за членство, земјата мора да воспостави структури што се во согласност со Заедничката Земјоделска Политика на ЕУ и да се подготви за спроведување на програмите од Европскиот Фонд за Земјоделство и Рурален развој.

Во Република Македонија, територијалната дистрибуција на населението покажува изразита несразмерност. 57,8% од вкупното население живее во градовите (вкупно 34), додека пак во руралните средини кои опфаќаат 90% од територијата на земјата живее 42,2% од населението. Во земјата има вкупно 1,728 рурални населени места од кои 141 (8,16%) се целосно депопулирани, додека со поголем број на население (5.001 -10.000 жители) се 14 села со вкупно 90.479 жители (просечно 6.463) воглавно во западниот и североисточниот дел од земјата (Извор: Државен завод за статистика, Македонија во бројки, 2014). Основниот проблем е стареење на населението, додека 44% од сиромашните живеат во руралните средини. постои релативно добра инфраструктура, но има недостаток на услуги и патишта во селата. Земјоделството е доминантно занимање и извор на приход на населението, но постои тренд на зголемување на неземјоделските активности.

Граница и територија

Територијата на ЛАГ -от „Малеш - Пијанец“ е целокупната територија на општините Берово, Делчево и Пехчево. ЛАГ „Малеш –Пијанец“ се наоѓа во источниот дел на Република Македонија, и е составен дел на Источниот плански регион кој е еден од 8 -те плански региони во Македонија. Територијата на ЛАГ -от се простира во Малешевската котлина и областа -Пијанец. ЛАГ-от се простира на површина од1228 km2 , а во него живеат околу 37 171 жители. Просечната густина на населението е 30 жители/ km2.Со својата местоположба на запад се граничи со општините Македонска - Каменица, Виница и Радовиш, на југозапад се граничи со општина Василево, на југ со општините Босилево  и Ново Село, а на исток со Република Бугарија. Според категоризацијата на рурални подрачја и населени на РМ и методологијата на ОЕЦД1 територијата на ЛАГ-от, е рурална. Просечниот број на жители на километар квадратен на вкупната територија изнесува околу 30 жители. Доколку се изземе популацијата и површината на градовите Берово, Делчево и Пехчево, оваа бројка е уште подрастична.Заклучокот кој може да се изведе од овие податоци е дека подрачјето е слабо населено и од рурален карактер по однос на големината на површината на територијата, иако е забележана голема концентрација на жители во неколку населени места (Берово, Делчево и Пехчево). Од овој аспект територијата на ЛАГ -от е податлива за воспоставување на ЛАГ територија, согласно LEADER принципите.

Територијата на ЛАГ-от „Малеш -Пијанец“ е природна географска целина и кохерентна територија во однос на поставеноста и компактноста на населените места. Имајќи ги во предвид природните карактеристики, руралните активности и потенцијалите за развој на овој регион, LEADER пристапот е најсоодветен модел кој ќе овозможи инкорпорирање на сите потенцијали, ќе ги мобилизира локалните засегнати страни и на тој начин ќе се поттикне локалниот развој и ќе допринесе за подобар квалитет на живеење на населението.

Share/Save/Bookmark