Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

kanali 2 resize

Се чистат каналите за наводнување во делчевскиот регион. Во моментов, екипи од АД Водостопанство- Подружница Берово, работат на чистење на каналите и поставување каналетки во атарот на село Тработивиште под мостот на патот Тработивиште- Разловци, а се интервенира и да се стави во фукнција и  Виречкиот јаз. Досега е исчистен селскиот јаз во должина од околу 1 км., а со машини се прават и бентови, односно се интервенира на реките Брегалница и Желевица за пуштање вода во каналите.  

kanali 3 resize

Увид во текот на работите извршија градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и раководителот на Секторот при АД Водостопанство Крсте Даниловски. Трајковски истакна дека по дваесет години, прв пат се чистат каналите за наводнување покрај плодните делчевски ниви.

-Мора да изразам задоволство што АД Водостопанство го слушна нашиот апел и излезе во пресрет на земјоделците од Делчевско, конкретно, на земјоделците кои имаат обработливи површини во атарот на село Тработивиште. Конечно, по 20 години ги чистиме земјоделските канали и нивите во селото, кое е на две реки, повеќе нема да бидат жедни.  Изминатиов период земјоделците сами се снаоѓаа, за да стигнат до водата и да ја донесат до нивните површини. Запознат сум дека многу од земјоделците се откажале од земјоделската работа, само поради овој проблем. Ние го решаваме и очекувам овој потег да придонесе во проширување на обработливите површини на полето каде некогаш се садел и ориз. Со тоа даваме свој придонес во создавање услови за развој и подобри услови за земјоделската дејност, истакна Трајковски.

Даниловски потенцираше дека екипи на АД Водостопанство прв пат работат во Делчевско.

-Нашата цел е овој крај да заживее со вода и да се развива земјоделството како гранка која ќе биде број еден во државава. Овде многу години водокорисниците немале грам вода за своите потреби. Со поддршка на Општина Делчево, Министерството за земјоделие и Министерството за животна средина ние работиме секој водокорисник да има вода, истакна Даниловски.

Слични активности екипите на АД Водостопанство ќе имаат и на земјоделските површини во Разловци, а согласно со планот и програмата на ова претпријатие ќе се интервенира и на земјоделските површини во останатите села во делчевската општина, а ќе се стави и акумулацијата Петрашевец за наводнување на земјоделските површини.

kanali 1 resize

Share/Save/Bookmark