Четврток, 11 Октомври 2018 09:38
Со пригодна свеченост, Општина Делчево денеска ја одбележа 77-годишнината од почетокот на антифашистичкото Востание. Пред Споменикот на паднатите борци, делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, претставници од Советот на Општина Делчево, политички партии и здруженија на граѓани, се поклонија и положија свежо цвеќе. Претходно, членовите на КУД „Гоце Делчев“ преку подготвен реферат потсетија за приликите кои претходеа на Востанието, начинот на кој беше реализиран првиот вооружен напад во Прилеп и во Куманово, но беше потенцирано и значењето на Востанието кое претставува важен момент во борбата за самостојност и самобитност на македонскиот народ.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека со Востанието започнува и борбата за ослободување на македонскиот народ до, конечно остварување на целта -создавање на првата македонска држава.
-Патот на првите партизани во тогашните прилики бил трнлив, но идејата која ги водела, нивната непоколебливост и саможртвата, ја креираат вооружената борба која подоцна се проширува на целата територија. Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот ѝ дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Денот на востанието кој го славиме денеска нѐ обврзува нас, новите генерација да го надградуваме и осовременуваме нашето општество, да ѝ донесеме просперитет на државата, да ја чуваме слободата, демократијата почитувајќи ги човековите права и слободи, рече Трајковски.
За почеток на Востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред Гоце Делчев го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го нападнала бугарскиот полициски участок, втората - затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп. Дејствија имало и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба, Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска, овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред - на 17 октомври.
Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата до конечно ослободвање.
Коментари кои содржат навредлива содржина по било која основа нема да се објавуваат.
Коментари кои содржат несоодветни зборови нема да се објавуваат.
Коментари кои се упатени на други коментари а се со содржина која не е поврзана со содржината на текстот на статијата нема да се објавуваат.