Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

KmetNaMasa

Општина Делчево и Општина Виница станаа членови на Урбаната алијанса на патот на свилата со што се запишаа како први општини од Македонија кои се дел од оваа светска асоцијација посветена на градење платформа за поврзување на градовите во различни земји и региони. Сертификатот и Меморандумот за разбирање и членство на Делчево и Виница беа потпишани на голема церемонија на Бизнис-самитот кој се одржа во градот Zhangjiajie во Кина.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој на покана на Урбаната  алијанса присуствуваше на „ Бизнис-самитот“ од 15 до 17 октомври  имаше свое обраќање на пленарна сесија и презентација на Општина Делчево за спецификите за инвестиции во областа на туризмот и економијата. 

konferencija1

-  Како градоначалник на Општина Делчево, ја имав таа чест и привилегија да бидам дел од овој Бизнис –самит на покана на Урбаната  алијанса, од каде се покриени сите патни трошоци.  Во оваа прилика сакам да истакнам дека ова е прв пат од постоењето, Општина Делчево да доживее промоција надвор од границите на Европа, на исток во една од најбрзорастечките  економии во светот, Кина. На Бизнис-самитот пред 173 членки од 60 земји од светот, Делчево ги промовираше своите можности за развој, туристичките и економските потенцијали, како и владините економски мерки. Овој настан е од исклучително значење за нашите релативно мали општини, Делчево и Виница, но и за нашата земја, бидејќи овие две општини станаа рамноправни и полноправни членки, застанаа рамо до рaмо со градови од  Украина, Грција, Палестина, Полска, Турција и.т.н, истакна Трајковски.

Трајковски на денешната прес-конференција истакна дека очекува пријателствата родени на овој Бизнис-самит да донесат нови перспективи за развој на Делчево, а всушност, и прифаќањето на поканата за членување во оваа Алијанса со симболично име-Патот на свилата беше со таа цел- Делчево и Виница, да ги искористат придобивките што ги дава оваа светска организација

Инаку, Урбаната алијанса на патот на свилата е пријателска асоцијација на градови во различни земји и региони. Алијансата е посветена на промовирање и поврзување, споделување придобивки, културна и трговска соработка и пријателски односи меѓу градовите-членки. Мисијата на Алијансата е да се воспостави платформа за поврзување на градовите во различни земји и региони;  да се соберат ресурси, да се промовира прагматична соработка и да се бараат можности за инвестирање во различни сектори за членовите, но и да се зајакнува пријателството меѓу градовите-членки. Посебен аспект има промоцијата на културната и трговската размена меѓу градовите од различни земји и региони, за да се олесни нивното приспособување кон инвестициските и трговските потреби на 21-от век, и да се зголеми одржливиот и заеднички развој на градовите.

 Урбаната алијансата на патот на свилата е здружение на градови од различни земји и региони врз основа на вредностите на еднаквоста, реципроцитетот и доброволноста. Таа има за цел да им помогне на градовите-членки да ги искористат можностите за развој и инвестициите и трговијата што ги носи Иницијативата.

silkRoad

silkRoad1

Share/Save/Bookmark