Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

kopachka

Најстарата фолклорна група во Македонија, ФГ „Копачка“од делчевско Драмче одбележува 70 години од постоењето. Синоќа во преполната сала на Спомен-домот АСНОМ, беше одржан концерт, а беа доделени и награди и признанија на поддржувачите на „Копачката“ на нивниот пат низ годините  и запишувањето на репрезентативната листа на нематријално светско културно наследство во УНЕСКО. Исто така, беше промовирана и збирката „70 години Копачка“.

Прославата ја отвори градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој честитајќи го големиот јубилеј истакна дека нема човек од Пијанец кој не е горд на оваа фолклорна група која е наш амбасадор низ светот.

- Од неизмерното фолклорно богатство што го има Пијанец, би рекол дека сосема заслужено, се издига орото „Копачка“ надминувајќи ги границите на државата и високо етаблирајќи во светското нематеријално културно наследство запишано на листата на УНЕСКО. Затоа, денес и играорците и нивните раководители и јас како градоначалник и Општина Делчево, како и Министерството за култура, сите заедно делувајќи секој од свој аспект, се стремиме кон повисоки вредности, кога е „Копачката“ во прашање. Ако во 1951 година радиото, добиено како втора награда фестивалот во Опатија, било проблем да се стави во функција, бидејќи Драмче немало струја, па тие го подаруваат на Општина Делчево со што започнува плодната соработка на друштвото и Општината, ние денес работиме да го одржиме орото, да го промовираме и уште еднаш да докажеме дека тоа е живо оро, оро кое обединува стари и млади и кое е предизвик за играорците, бидејќи секој не може и не умее да го игра, истакна Трајковски.

Во своето обраќање Перса Стојановска, секретар на здружението Копачка, потсети на годините кога се формирала групата од најдобрите играорци од Белчанско и Црничко маало, во с. Драмче, па сѐ до2014, кога орото „Копачка“ е запишано на репрезентативната листа за светско нематеријалнонкултурно наследство.

-Годинашниот наш голем јубилеј на 70 години постоење на Копачка, Драмче, го придружува овој мал, но многу значаен Јубилеј на 4 години Копачката во УНЕСКО, за што сме необично горди. Пијанечкиот фолкор со неговиот најголем бисер орото „Копачката“, во последните 4 години, многу поинтензивно се везеше на сцените во земјата и странство. Покрај на реномираните национални, но и меѓународни фестивали во земјата, групата „Копачка“, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Општината Делчево, мошне успешно ја претставуваше нашата држава во странство во Бугарија, Србија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Словачка и други земји, рече Стојановска.

Пред присутните се обрати и раководителот на групата, Димитар Узунски кој ја пренесе сликата на старите играорците, нивниот ентузијазм и љубов кон изворниот фолклор и уникатното оро од Драмче, „Копачката“ и неговата промоција низ Македонија, Европа и светот.

 На синоќешниот концерт, освен ЗФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, настапија и КУД „Гоце Делчев“, ансамблот „Китка“ од Истибања; ФГ „Н.Ј.Вапцаров“ Делчево и други поединци и групи со изведба на орото Копачка. Денеска одбележувањето продолжува на исконското место за „Копачката“ соборот пред црквата „Св. Архангел Михаил во с  Драмче.

Share/Save/Bookmark