Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

 elka

Богата културна понуда подготвува Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ за новогодишните и божиќните празници. Во пресрет на Новата година, Општина Делчево организира целовечерен концерт на староградска музика и серенади во интерпретација на Градскиот хор од Штип, додека за Стара нова година во Делчево, свој концерт ќе има гудачкиот квартет „Вива стрингс“.

Овие два концерти се дел од новогодишната понуда на Општина Делчево за граѓаните на Делчево со што ќе се придонесе за подобрување на културната понуда за време на празниците.

-Концертот на Градскиот хор во Штип ќе се одржи в петок на 21 декември со почеток во 19,30 ч. во киносалата во Делчево и верувам дека интерпретацијата на староградските теми и серенади, но и еврегрините на АББА, како и Џузепе Верди и сл, спакувани во нови аранжмани, ќе придонесат за една убава вечер во Делчево. Додека на 17 јануари го најавуваме настапот на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ кои  ќе одржат целовечерен концерт, замислен како релаксирачки и интересен спој на класични гудачки инструменти кои изведуваат обработки на популарни поп и рок нумери, како на пример: АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј и други, истакна Даниела Такева, претседател на Комисија за организирање културни манифестации во Општина Делчево.

 Годишниот концерт на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ ќе се одржи на 26.12.2018 година, додека новогодишната детска приредба во изведба на децата од детската градинка „Весели цветови“ годинава ќе се одржи во салата на деветолетката Ванчо Прке“ на 27 декември. Исто така, за љубителите на филмската уметност на 27 и 28 декември премиерно во Делчево ќе биде прикажан култниот филм на режисерот Ѓорче Ставрески, „Исцелител“ кој воедно е и македонски национален кандидат за наградата Оскар на Американската филмска академија. Филмот се прикажува во соработка со НУЦК„Никола Јонков Вапцаров“ и Советот на млади од Делчево.

Традиционално, Општина Делчево во соработка со бизнис-заедницата обезбеди 1000 новогодишни пакетчиња кои ќе ги додели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, на дечињата од детската градинка, двете деветолетки од градот, како и на децата од Дневниот центар во Делчево. За време на новогодишната ноќ, градоначалникот Трајковски ќе ги посети дежурните екипи од ПС Делчево и Граничната полиција од РЦ Исток, ТППЕ Делчево и Итната медицинска помош.

Share/Save/Bookmark