Петок, 18 Јануари 2019 14:18
Во Делчево одржана првата работилница за креирање родови политики на комисиите за еднакви можности помеѓу жените и мажите во општините Делчево, Берово и Пехчево. Како што информираше Анита Цоневска од невладината ,,КХАМ” од Делчево, целта на активностите кои како дел од заедничкиот проект ќе се реализираат во споменатите општини е сензибилизирање на граѓаните за родовата еднаквост како чинител на локалниот економски и општествен развој преку градење заедничка стратегија и посебни акциски планови.
-Активноста е дел од проектот ,,Со стратегија и локални акциски планови до еднакви можности за мажите и жените во општините Делчево, Берово и Пехчево. Денес е првата работилница од предвидените три работилници кои ќе се одржат во месец февруари и март од каде што очекуваме да произлезе една Стратегија за еднакви можности помеѓу мажите и жените која ќе биде заедничка за трите таргетирани општини, а подоцна и да се изработат акциски планови врз основа на Стратегијата за секоја општина посебно, рече Цоневска.
Досегашното истражување кое е направено во општините Делчево, Берово и Пехчево покажало дека во овие општини не е изработена анализа на родово поделените податоци за родовата структура во јавната администрација ниту во институциите на локално ниво, како јавните претпријатија и образовните установи.
-Токму затоа преку воспоставувањето на стратегија за родова еднаквост во трите општини сметаме дека ќе се интегрира родовиот аспект во сите активности на локалните самоуправи и во сите области од јавниот и приватниот сектор, ќе постои планиран пристап кон создавањето на услови за почитување на еднаквоста меѓу мажите и жените на локално ниво, додава Цоневска.
Проектот го имплементира НВО ,,КХАМ” од Делчево, а финансиски е поддржан од организацијата ,,Квина Тил Квина”.
Коментари кои содржат навредлива содржина по било која основа нема да се објавуваат.
Коментари кои содржат несоодветни зборови нема да се објавуваат.
Коментари кои се упатени на други коментари а се со содржина која не е поврзана со содржината на текстот на статијата нема да се објавуваат.