Четврток, 16 Мај 2019 08:22
По повод рамазанските пости градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски ја организираше традиционалната Рамазанска ифтарска вечера на која покрај претставници на Исламската верска заедница при џамијата Мехмет Фатих Султан II од Делчево присуствуваа и претставници од Советот и носители на јавни функции и граѓани од муслиманска вероисповест.
Градоначалникот Трајковски изразувајќи задоволство од традицијата која облагородува испрати и порака за соживот, за мир, меѓусебно разбирање и толеранција помеѓу нас.
-Традицијата го држи човекот длабоко за корените, душата му е одредена со вербата во Бога и Светото писмо независно дали е Куран или Библија, а човечноста го раѓа човекот преку неговите дела, постапки и почитта кон другите. Секогаш, во сите периоди од развојот на Делчево, ние сме биле заедно. Заедно сме делеле болки, загуби, сме се радувале на убавите нешта. Да продолжиме заедно да ја градиме нашата иднина, секогаш да си подадеме рака, кога е потребно и да се почитуваме. Различностите го даваат спектарот, шаренилото кое го прават светот поубав, истакна Трајковски.
Размазан е дел од нашата вера, обврска е на муслиманот да го пости месецот Рамазан и телесно и душевно и да се оддалечи од сите негативни работи во животот, истакна во своето обраќање Сефадин Селимовски имам во делчевската џамија.
- Тоа е месец на милост и соживот каде ги покануваме сите на Ифтар, да го делиме лебот заедно, затоа што и животот го делиме овде во Делчево и, исто така, низ цела Македонија. Ние сме луѓе од различна вера и така се градиме културно и градиме наследство, градиме иднина. Се надевам дека така ќе продолѓиме да ги научиме и нашите деца да не се делат по етничка основа, затоа што сите луѓе се еднакви пред Бога, истакна Селимовски.
Ифтар е прекинување на рамазанскиот пост по зајдисонцето за време на Рамазанскиот пост. Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. По рамазанскиот пост следува Рамазан Бајрам, кој годинава е на 5 јуни и и се чествува три дена.
Коментари кои содржат навредлива содржина по било која основа нема да се објавуваат.
Коментари кои содржат несоодветни зборови нема да се објавуваат.
Коментари кои се упатени на други коментари а се со содржина која не е поврзана со содржината на текстот на статијата нема да се објавуваат.