Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за промоција и комуникација со јавноста, во Општина Делчево во тек е пријавувањето за избор на најубаво уреден двор.

Досега по Јавниот конкурс кој е отворен до 1 јули до архивата во Општина Делчево се пријавени десет дворови кои ќе учествуваат во натпреварот, но согласно со интересот на граѓаните и реалната слика во градот надополнета со убаво уредени дворови и најразлични цветни аранжмани, се очекува бројот на пријавите да биде значително поголем.

Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и како Општина сакаме да ги наградиме граѓаните и фирмите за својата улога во разубавувањето на градот, а од друга страна и да ги мотивираме сите граѓани на Делчево да дадат свој придонес за негово разубавување.

На Јавниот конкурс објавен на веб-страницата на Општина Делчево и на локалните медиуми, ќе можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, да го пријават за да учествува на изборот за најубаво уреден двор во Делчево. Конкурсот ќе биде отворен до 1 јули, период кој сметаме дека е доволен за заинтересираните граѓани да ги направат потребните подготовки и да ги уредат дворовите. Комисијата формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини.

За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево  има обезбедено парични награди во износ од 10.000 денари во две категории: индивидуално домување и колективно домување и правни лица.

Инаку, Општина Делчево по пауза од 8 години ја возобнови оваа акција, а на иницијатива на градоначалникот Горан Трајковски, акцијата се организира по втор пат. Минатата година наградите за најубаво уреден двор ги освоија дворот на детската градинка „Весели цветови“ и дворот на Сања Атанасова од населбата Расадник.

Share/Save/Bookmark