Советниците ја усвоија Стратегијата за надворешна комуникација на Општина Делчево

  • Новости

Советот на Општина Делчево на редовната 34 Седница ја донесе Стратегијата за надворешна комуникација за период 2020-2024 година со што Општина Делчево се запиша како прва општина од крајниот исток која стратешки ќе работи на полето на надворешната комуникација.

Документот ги содржи сите елементи по кои институцијата треба да се движи во поглед на одржување комуникација кон надвор, заедно со краток дел за кризна комуникација кој е од суштинско значење кога се имплементираат односите со јавноста.

Оваа стратегија го дефинира системот на пренесување јасна порака до целните јавности, ги обединува сите комуникациски ресурси и комуникациски капацитети на Општина Делчево, овозможува контрола врз начините на комуникација, ги мери резултатите од комуникациите и обезбедува планско и ефективно надминување на клучните слабости и недостатоци во делот на односите со јавноста. Исто така, советниците ја усвоија и Годишната програма за промоција и комуникација со јавноста за 2020 година во која е имплементиран и дел од Акцискиот план кој е составен дел од Стратегијата за надворешна комуникација.

На денешната Седница, советниците донесоа Одлука за ослободување од партиципација на  деца-Роми на возраст од три до шест години за престој во Детска градинка ОЈУДГ „Весели Цветови“ Делчево за период од 1.01.2020 до 31.08.2020 година.

Советниците усвоија повеќе програми за работа, меѓу кои: Годишната Програма за работа на Советот на Општина Делчево, Програмата за изработка на урбанистички планови на Општина Делчево за 2020, Програмата за работа на ЈКП „Брегалница“ за 2020 година; Програма за одржување  јавна чистота на Општина Делчево за 2020 година; Програма за одбележување на настани и културни манифестации за 2020 г, Програма за работа на ЈЛБ „Илинден“.

Исто така, советниците донесоа Одлука за одобрување финансиски средства на ЈКП „Комуналец“од Пехчево, каде при пожар во помошни простории изгоре голем дел од опремата и алатите на претпријатието. Со оваа Одлука, Општина Делчево ќе му помогне на Претпријатието со средства во износ од 60.000 денари кои ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Делчево за 2020 г.

 

Shares