Девет нови контејнери, денеска се поставија во најоддалеченото село во Општина Делчево, Разловци, со што за прв пат ова село добива садови за собирање комунален отпад. Локациите каде се поставени контејнерите се дадени како предлог од жителите и во консултација со надлежните служби од Општина Делчево.
Со поставувањето на контејнерите и ова делчевско населено место, влегува во планот за работа на ЈКП „Брегалница“ за редовно чистење на депонираниот отпад во контејнерите со што се очекува да се зголеми свесноста на жителите за животната средина и директно да се придонесе во борбата со дивите депонии кои се голем проблем во Разловци.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој денеска беше во Разловци и разговараше со жителите на селото, истакна дека поставувањето контејнери во Разловци е дел од неговата програма и во насока за подобрување на чистотата на животната средина.
-Се грижиме за животната средина и плански и одговорно работиме да ги исчистиме дивите депонии. Во таа смисла, големиот проблем со дивите депонии во ова село очекувам да го решиме со поставувањето на новите контејнери. Очекувам од жителите со свој личен пример да дадат придонес за чистотата на селото, да го чуваат општото добро и за сите проблеми повзрани со отпадот, да бидат во директна комуникација со ЈКП „Брегалница“ надлежно за редовно собирање на сметот. Исто така, сакам да истакнам дека деновиве екипи на ЈКП „Брегалница“ работат на расчистување на дивите депонии создадени во близина на селото, рече Трајковски.
Трајковски најави дека контејнери за комунален отпад ќе бидат поставени и во другите населени места, каде досега немало поставено садови за отпад.
Инаку, Општина Делчево прв пат по повеќе од една деценија набави нови садови за отпад со цел подобрување на состојбата со управување на отпадот. Набавени се 23 контејнери со вредност од вредни 371.000 денари. Контејнерите се со волумен волумен 1,1 м3, номинална носивост 430 кг., а се предадени на ЈКП „Брегалница“ од каде ќе се транспортираат до планираните локации, каде досега биле поставени стари и оштетени контејнери или ги немало, а се очекува новите садови за отпад да придонесат за подобар квалитет на услугите за собирање на комуналниот отпад.