Општина Делчево со нова веб-страница

  • Новости

Со цел да се остварат заложбите за поголема транспарентност и отчетност на Општина Делчево, од денеска во функција е новата веб-страница на која изминатиов период се работеше интензивно од страна на ит-лицата и лицето задолжено за односи со јавност во Општина Делчево. Согласно со Програмата за односи со јавноста на Општина Делчево за 2020 година, како и согласно со препораките од Стратегијата за надворешна комуникација на Општина Делчево 2020-2024 г., новата веб-страница ги содржи сите потребни алатки кои треба да ги имплементира принципите на отвореност, отчетност и транспарентност.

За прв пат на веб-страницата, покрај основните податоци за Општина Делчево, за администрацијата, е-документите, стратешките документи, финансиските извештаи  и сл, објавен е Граѓанскиот буџет на Општина Делчево за 2020, како и регистерот на услуги на Општина Делчево.

Исто така, новата веб-страница ви нуди и анкета на која можете да дадете одговор на прашањето кое е поставено, а се однесува на квалитетот на општинските услуги, со што за прв пат, Општината бара он-лајн повратна информација од граѓаните со што ќе се мери задоволството на граѓаните и ќе се прифаќаат нивните коментари и забелешки. Исто така, лесно достапна е и можноста за директно поставување прашање до градоначалникот или до администрацијата, а видливи се и контактите од вработените во општинската администрација поделени во сектори и одделенија. Новата веб-страница дава можности во наредниот период да се врши и пренос во живо на седниците на Советот на Општина Делчево, а редовно ќе се изработува и електронски месечен информатор „Инфо Делчево“.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, при презентацијата на новата веб-страница истакна дека со новата веб-страница, Општина Делчево прави голем чекор напред во однос на траспарентноста и отвореноста.

-Новата веб-страница е последователен тек на вкупната работа која изминатиов период се работеше на полето на отчетноста и транспарентноста. Општина Делчево две години по ред изработува Програма за промоција и односи со јавноста, а е и една од ретките општини во државава која стратешки ги планира односите со јавноста, односно во соработка со Регионалниот центар за застапување изработивме Стратегија за надворешна комуникација. Веб-страницата, покрај другите алатки што се користат, треба да придонесе за поголема отчетност и транспарентност, но и почитувајќи го начелото на активната транспарентност, сите активности на Општина Делчево стануваат повидливи и подостапни за нашите сограѓани, рече Трајковски.

Shares