На 39 Седница на Советот на Општина Делчево која се одржа денеска, советниците едногласно ја донесоа Одлуката со која се ослободуваат од плаќање комунална такса за користење простор пред деловен простор, угостителските објекти (кафеани, кафулиња, гостилници и слично) и нивните истурени деловни места (бавчи и тераси). Ослободувањето од плаќање на оваа такса e на предлог на градоначалникот Трајковски, а се однесува за месеците април и мај 2020 година. Согласно со евиденцијата на Општина Делчево, Одлуката се однесува на 25 угостителски објекти.
На Седницата се донесе и Одлуката за ревидирање и проширување на членовите на Штабот за заштита и спасување на Оптшина Делчево. Согласно со донесената Одлука, покрај постојаните членови, Штабот за заштита и спасување на Општина Делчево може да ангажира и други лица како привремени членови во зависност од елементарната непогода. Задача на Штабот за заштита и спасување на Општина Делчево е да раководи со Просторните сили и другите субјекти ангажирани за заштита и спасување, како и да носи конкретни мерки и активности за време на кризна или вонредна состојба. Материјалното обезбедување на Штабот за заштита и спасување на Општина Делчево ќе се врши преку Буџетот на Општина Делчево.
На денешната Седница се донесе и Одлука за општо ослободување од плаќање комунална такса за јавно ослободување на иматели на електрични броила за мерење електрична енергија согласно која Општина Делчево ги ослободува од плаќање комунална такса за користење и одржување на јавното осветлување имателите на електрични броила за мерење електрична енергија без јавно осветлување лоцирани и поставени на придружни објекти во земјоделски површини вон мрежата за јавно улично осветлување. Доколку во наредниот период се постави систем за јавно осветлување имателите на објекти на споменатите населени места ќе бидат дополнително задолжени со наведената такса.
Инаку, покрај другите одлуки, на Седницата се донесе и Одлука за усвојување на ажурирана Процена на загрозеност на подрачјето на Општина Делчево од сите ризици и опасности, а беше усвоен Извештајот за работата на ЈКП „Брегалница“-Делчево за 2019 година, како и Годишната сметка на ЈКП „Брегалница“-Делчево за 2019 година.