Започна реконструкцијата на дел од „Маршал Тито“ во Делчево

Со поставување потпорни ѕидови на пропустите започна реконструкцијата на  743 метри од улицата „Маршал Тито“ во Делчево која е главен сообраќаен крвоток во градот, односно од потегот од касарната до Таушанското Маало. Со оваа реконструкција  се решава уште една критична точка на  главната и најдолгата сообраќајница во Делчево која го поврзува центарот на градот со населбата Таушанско Маало, односно Стрелиште.

Граоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски денеска направи увид во градежните работи и на условите во кои се одвива сообраќајот со примена на вонреден сообраќаен режим. Тој изрази задоволство од почетокот на реализацијата на големиот инфраструктурен проект во Делчево кој е по многу нешта значаен за граѓаните на Делчево.

-Преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка, Општина Делчево доби средства за под-заем од 32.252.287 денари за реализација на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево” што подразбира, реконструкцијата на улица „Маршал Тито“со должина од 743 метри, реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ со должина од 599 метри, и изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ улицата бр. 7, со што преку овој проект ќе се реконструираат 1.3 километри локални улици, а ќе биде изградена комплетно нова улица во должина од 290 метри. Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на животот на локалното население од овие улици, но воедно и на сите жители на општина Делчево, рече Трајковски.

Тој додаде дека за да се добие современа сообраќајница,на „Маршал Тито“ ќе се градат низа објекти по должината на улицата, како изградба на потпорни ѕидови, цевкаст пропуст и реконструкција и проширување на плочест пропуст.

– Додека траат градежните работи ќе се применува посебен сообраќаен режим, па во таа смисла апелирам до возачите да ги почитуваат сообраќајните знаци и со одговорно однесување да придонесат за непречено одвивање на градежните работи, истакна Трајковски.

Реконструкцијата на овој дел од „Маршал Тито“ е продолжување на реконструкцијата на истата улица која води низ центарот на градот,  реконструирана изминатата година, исто така, реконструирана преку проектната едниница на Министерство за финансии и МСИП проектот за подобрување на општинските услуги финансиран преку Светска Банка, така што сега ќе се добие една завршна целина и современа сообраќајница каква што заслужуваат граѓаните на Делчево.

-Сакам да истакнам дека со реализација на овој проект решаваме големи проблеми на граѓаните, ги подобруваме квалитетот на животот и придонесуваме за поголема безбедност во сообраќајот, исто така, се зголемува капацитетот на проток на овие улици, но и се намалуваат трошоците за одржување на веќе дотраените коловозни ленти на улиците „Маршал Тито” и „Вера Јоциќ”, додека, пак, улицата бр. 7 во населбата СРЦ ќе добие комплетно нов лик и од земјена улица ќе прерасне во асфалтирана улица со тротоар и  комплетен систем за атмосферски води, истакна Трајковски.

Градежните работи за изградба на овие три улици ќе завршат до март 2021 г., а изведувач на работите е фирмата АД „Илинден“ од Струга.

Shares