Министерот Сугарески и градоначалникот Трајковски извршија увид на дел од инфраструктурните проекти во Делчево

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше во работна посета на Општина Делчево. Во рамките на посетата, министерот Сугарески и градоначалникот Трајковски, извршија увид  во градежните работи на дел од инфраструктурни проекти кои се во тек на реализација во Делчево.

Станува збор за проекти вредни околу 45 милиони денари, односно изградба на атмосферска канализација во должина од 1,9 км во населбата Милково Брдо во вредност од околу 13 милиони денари, средства обебзедени преку грант од Минситерството за тарнспорт и врски, како и проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево“ кој се реализира преку Проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка. Во рамките на овој проект, Општина Делчево доби средства за подзаем од 32.252.287 денари за реализација на проектот што подразбира, изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ во должина од 290 метри, реконструкција на улицата „Маршал Тито“ со должина од 743 метри (со потпорни ѕидови и проспусти), реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ со должина од 599 метри.

Министерот Сугарески истакна дека реализацијата на капиталните проекти во државата  не се застанати поради корона кризата и дека тие се реализираат со многу силна динамика  насекаде и во секој регион.

– Создавањето подобри услови за живот на жителите на Делчево е резултат на заедничката работа на централната и локалната власт, а тоа е видливо на терен. Најпрво, морам да спомнам дека ја рехабилитиравме, речиси, целата патна инфраструктура во овој регион, а сега се фокусираме на локалната патна мрежа и на комуналните работи, пред сè заради подобрување на условите за живеење во општината. Ова е показател на сериозните инвестиции во регионот, ги рехабилитиравме патиштата и кон граничните премини, транзиот низ Делчево, така што, генерално, сè што требаше да се сработи, го сработивме. Овие инвестиции се  показател и тоа колку оваа Влада предводена од СДСМ е активна на терен и уверувам дека инвестициите во инфраструктурата ќе продолжат со исто такво темпо, рече Сугарески.

Градоначалникот Трајковски изрази благодарност до министерот Сугарески и МТВ и до Владата, за поддршката за реализација на проекти во Делчево со што се решаваат клучни проблеми кои треба да го подобрат квалитетот на животот на нашите сограѓани.

– Решаваме децениски проблеми на граѓаните. Оваа 2020 е година на инфраструктурата во Делчево. Конкретно, во населбата Милково Брдо се реализира проектот „Одделување на фекалната од атмосферската канализација во населбата Милково Брдо- 2“ во Делчево се решава долгогодишниот проблем со атмосферската вода која при обилни дождови предизвикува поплавување на повеќе објекти и имоти на граѓаните во овој дел од населбата. Станува збор за изградба на атмосферска канализација во должина од околу 1,900 метри во населбата. Досега се изградени околу 300 метри, а работите треба да завршат за 5 месеци. Веднаш по завршување на изградбата на атмосферската канализација ќе се пристапи кон реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ во должина од 599 метри во рамките на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево“ кој се реализира преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка, а предвидена е реконструкција на улици во должина од 1,3 км и изградба на нова улица во должина од 290 м, истакна Трајковски.

Министерот Сугарески информираше дека тендерот за првата фаза од проектот „Македонија без кал“ за изградба и санација на три улици во Делчево „Орце Николов“ „Острец“, како и  стариот локален пат Делчево-Тработивиште, ќе биде распишан за два месеци. Во рамките на овој проект на Делчево му се доделени околу 800.000 евра.

 

Shares