Градоначалникот Трајковски доби Плакета од Царинската управа на РСМ

  • Новости

По повод одбележувањето на денот на Царинската управа на Република Северна Македонија, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска доби Плакета со Повелба заради посебен придонес во унапредувањето на угледот на службата, меѓусебната соработка и навременото информирање на граѓаните за сите мерки кои имаат за цел побрз и непречен проток на патници, возила и стока преку ГП Делчево.

На настанот кој традиционално се одбележува на 14 април, а поради актуелната ситуација се одржа денеска во просториите на Царинската управа, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски ја искористи можноста за изразување благодарност кон постојаните соработници и партнери.

-Соочени со фактот дека годинава, за жал, поради ситуацијата што ни е позната на ситe, беше откажан традиционалниот свечен настан, плакетите во знак на благодарност за добра соработка беа доделени денес. Со помош на Општината Делчево во текот на 2019 година, извршивме хортикултурно уредување на ГП Делчево, во неколку наврати се организира чистење од комунален смет и друг отпад, како и миење на самиот премин и приодите од и до него. Покрај тоа Општината донираше и дел од потребниот канцелариски инвентар на ЦИ Делчево, истакна Танасоски.

Градоначалникот Трајковски изрази благодарност за доделеното признание и ги потенцираше заложбите дека Делчево како погранична општина и во иднина ќе ја има обврската, од својот аспект на делување, да даде свој придонес за непречено функционирање на ГП Делчево.

Освен градоначалникот Трајковски, плакети добија и Томислав Ванчев ИТ програмер во СЕМОС Скопје, како и  Анастас Маженковски, помошник директор на Секторот за акцизи во Царинска управа

Shares