Апел од градоначалникот Трајковски: почитувајте ги мерките за заштита од коронавирусот

  • Новости

Поради зголемениот број позитивни случаи на коронавирус во Делчево и на лицата кои се во самоизолација, градоначалникот Трајковски апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и со свој личен пример да придонесат во зачувување на колективното здравје.

Јас уште еднаш апелирам до сите граѓани, да се почитуваат мерките за заштита, да се носат заштитни  маски за лице, да се одржува дистанца и редовна дезинфекција на рацете, но пред сè, да нема групирања. Ова што се случува по рестораните и кафулињата во Делчево, само уште еднаш ја покажува неодговорноста на поединци која може да доведе до ситуација, кога во државава се смирува епидемијата, тука да почне да се разгорува. Делчево беше град, каде со месеци немаше ниту еден случај со коронавирусот. Затоа, апелирам на лична одговорност до секој еден жител на општината, не го загрозувајте здравјето на вашите родители и пријатели, бидејќи никој не може да ве заштитиниту локалната, ниту државата, ниту СЗО, ако самите не го направите тоа.

Од оваа болест никоj не е имун; Почитувајте ги мерките; Носете заштитни маски; Држете социјална дистанца; Не се групирајте; Но, посебно, доколку некој има симптоми на болеста или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, задолжително да направи тест и веднаш да се самоизолира, без разлика што резултатите не се готови. Со тоа ги штитите своите најблиски, пријателите, соседите, целиот град, рече Трајковски.

Тој додаде дека Општина Делчево, покрај редовните дезинфекции на улиците и јавните објекти и површини, ќе направи и вонредна дезинфекција.

Shares