По повод Денот на ослободувањето на Делчево, 7 Септември, Општина Делчево организира акција за разубавување на градот. Во акцијата масовно се вклучија волонтери од ПСК „Голак“ Делчево, од ОО на Црвениот крст, како и членови на други здруженија на граѓани од Делчево, а помош добиваат и од екипи на ЈКП „Брегалница“ Делчево. Акцијата опфаќа санација и бојадисување на урбаната опрема, канделабри, огради на мостовите, како и обновување на спортските и детските игралишта и реквизитите, но и заштитните огради. Потребните материјали и средства ги обезбеди Општина Делчево.
Градоначалникот Горан Трајковски изрази задоволство од интересот на младите, но и на повозрасни членови од НВО-секторот во градот за вклученоста во акцијата.
-Оваа акција претставува поттикнување на волонтеризмот во Општината, грижа за општинските добра. Горд сум на младите и нивниот интерес за вклучување во акцијата. Заедно испраќаме порака дека секој поединец носи одговорност за тоа како ни изгледа градот. Општината е отворена за соработка и за идеи кои ќе придонесат градот да ни е поубав и почист, рече Трајковски.
Трајковски најави дека вакви и слични акции ќе се организираат и наредниот период.
Инаку, Општина Делчево досега има организирано неколку акции кои водат до истата цел- почист и поубав град ,како акции за расчистување на дивите депонии и акција за пошумување на централното градско подрачје со масовна вклученост на волонтери од градот.