Новогодишно обраќање на градоначалникот Трајковски

  • Новости

Почитувани сограѓани,

Новата година е на прагот и  посакувам  во неа да влеземе со многу оптимизам, надеж, верба, да ја дочекаме со многу љубов и зад нас да ги оставиме сите стравови и болки, искушенија и недоразбирање, да го фрлиме зад нас, сето тоа што нè оптоваруваше во старата.

2020- е животна лекција.

 Од неа научивме дека грижата за личното здравје е грижа за јавното здравје и таа е најважна лекција, научивме дека сите сме ранливи.

 2020 година ќе ја паметиме долго.

Сега, кога ги броиме последните часови од старата година, вообичаено правиме резиме на годината што изминува. Во старата, одговоривме одговорно на предизвиците и ги завршивме капиталните проекти ветени во програмата, се подготвуваме за реализација на нови инфраструктурни проекти. Целта ни е развој во сите полиња од живеењето, од инфраструктура и образование,до спорт и култура. Во сите наши напори стои заедничкиот именител дека работиме во интерес на граѓаните.

Во Новата година влегуваме со нова енергија во остварување на нашите планови и програми- целта останува иста, подобар квалитет на животот на моите сограѓани. Во 2021 продолжуваме со уште поголема енергија и ентузијазам. Градиме по план и со срце за Делчево.

Во пресрет на Новата година, Ви порачувам да славите одговорно, останете дома со најблиските, почитувајте ги мерките, се ближи крајот на оваа криза и како и многу пати досега, низ вековите наназад, човештвото и овој пат излегува победник.

Во пресрет на новите 365 дена од 2021 година, во мое име и во име на вработените во Локалната самоуправа, Ви ги честитам новогодишните празници и божиќните празници  на верниците од православна вероисповед и Ви посакувам мир, благосостојба и здравје, успеси на лично и професионално поле, Новата да ни ги врати прегратките и да ги тргне маските од лицето, а со старото друштво да наздравуваме за здравје и бериќет!

Почитувани сограѓани, сите проблеми, тешкотии и слабости оставете ги зад себе. Почнете од овој момент да размислувате позитивно,очекувајте подобро,животот е краток – но убав, не плашете се од никого,бидете храбри и нека секој ден ви започнува со насмевка ,да поминува денот во среќа и да заврши со прекрасни сонови!

Од срце Ви посакувам сè најдобро во Новата Година !

Среќна Нова година и Среќен Божиќ!

Shares