По повод божиќните празници, Општина Делчево во партнерство на компанијата „Зегин“ денеска додели 15 хуманитарни пакети со прехранбени артикли на семејства кои живеат во социјален ризик во руралните делови на Општина Делчево. Во консултација со Центарот за социјални работи од Делчево беа детектирани семејства на кои им е најнепоходна помош во селата Разловци, Ѕвегор и Град.
Градоначалникот Горан Трајковски кој ги посети семејствата истакна дека секое семејство заслужува со богата трпеза да го пречека христовото раѓање.
– Одговорни сме пред сите граѓани и се грижиме за секое семејство. Посебно во пресрет на големиот христијански празник, кога се слави раѓањето на Исус Христос, одлучивме да доделиме пакети со храна на семејства кои живеат во социјален ризик со цел секое семејство со достоинствена бадникова вечера да го пречека Божиќ и да го прослави овој христијански празник. Оваа хумана акција е дел од континуираните активности кои ги спроведуваме изминатиот период со цел да помогнеме на оние на кои им е најнеопходна помош и да покажеме дека никој не е заборавен, истакна Трајковски.