Делчево одбележа годишнина од раѓањето на патронот Делчев

  • Новости

Општина Делчево со пригодна свеченост ја одбележа 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно ослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

По тој повод, за животот и делото на Гоце Делчев реферат подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев во центарот на градот, се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево, претставници од Советот на Општина Делчево, претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани.

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. По убиството, неговите посмртни останки до 1917 година се чувале во Баница, по што биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувал во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Инаку, градот Делчево го носи името на великанот Делчев од 1950 години, кога со Одлука на Президиумот, тогашно Царево Село е преименувано по името на револуционерот Гоце Делчев.

Shares