„Сподели авторка“донесе дела од 30 авторки во делчевската библиотека

  • Новости

ЈЛБ „Илинден“ во Делчево доби донација од 30 книги творени од авторки како дел од активноста „Сподели авторка“ на Граѓанската организација „Стела“ и соработката меѓу КЕМ на Општина Делчево и ЈЛБ „Илинден.

Граѓанската организација „Стела“, како што истакна нејзиниот соосновач, Сара Миленковска е граѓанска организација иницирана од група ентузијастки кои сакаат да го подобрат пристапот до високо образование и економско зајакнување на жени и девојки.

-Оваа иницијатива ја започнавме преку мрежата „Стела“,  а преку самото менторство бевме инспирирани да помогнеме на јавните библиотеки, со цел да го промовираме женското творештво во делот на феминистичката литература. Успеавме да добиеме средства за 100 книги и денес во Делчево го донираме вториот пакет на книги. Претходно бевме во Битола, следно место каде ќе одиме е Струга и многу ни е важно оваа иницијатива да прерасне во поголема иницијатива. Сѐ повеќе и повеќе луѓе се мотивираат да ни донираат дополнителни книги, со што помогнат со предлози на прекрасни авторки кои треба да бидат, исто така, вклучени во оваа иницијатива, рече Миленковска.

Со оваа иницијатива се овозможува бесплатен пристап до книжевните дела на жени писателки и до светската феминистичката литература во јавните библиотеки низ Македонија.

-„Сподели Авторка“ е иницијатива со цел да ги доближи женските писатели и феминистичката литература до младите девојки преку јавните библиотеки. Оваа литература, верувам, дека ќе ги пополни и празнините во литературата која се користи во образовниот процес, бидејќи реално гледано, редовната литература која ја користат учениците и студентите е оскудна во однос на знаења кои би ја подигнале свеста кај младите за еднаквите можности на жените и мажите и свесноста за вградување на родовиот концепт во секој сегмент од животот. Ние, како КЕМ, сме свесни дека родовата нееднаквост е сѐ поприсутна и дека сѐ поголем број млади запаѓаат во страшни замки од кои нема кој да ги заштити, додаде Сузана Петровска, координаторка на КЕМ.

Целта на активноста, како што истакна директорката Билјана Петровска е преку книги напишани на македонски, албански и англиски јазик во библиотеки низ земјата, да се зголеми читањето на литература напишана од жени.

– Изразувам благодарост до организацијата „Стела“ и до КЕМ на Општина Делчево за оваа несекојдневна литература од женски авторки и очекувам дека преку оваа литература потпишана од авторки ќе се зголемува читањето на книги напишани од жени и ќе се отворат нови предизвици и перспективи кај читателите. Книгите, откако ќе бидат обработени, ќе се најдат на полиците на библиотеката и ќе бидат достапни до сите читатели, истакна Петровска.

Стела ги поврзува жените и работи на креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство. Станува збор за женска мрежа која брои околу 100 жени менторки од најразлични области, каде млади девојки и жени, може да се обратат за бесплатно менторирање во градење на кариерата во најразлични области.

Shares