По повод Европската недела на имунизација денеска во Делчево беа доделени 10 хуманитарни пакети на семејства кои живеат во социјален ризик, а кои изминатата година добиле новороденче, а беше доделен и пропаганден материјал за значењето на имунизацијата. Акцијата на која годинава се дава посебен аспект на имунизацијата против ковид 19 е во организација на НВО КХАМ и Општина Делчево, а со поддршка на Здравствениот дом во Делчево. Целта на оваа активност која се спроведува повеќе од 10 години во Делчево е да се скенира состојбата на терен, да се проверат картоните за имунизација кај децата до 1 година, како и да се подигне свеста за важноста од редовната вакцинација.
Инаку, покрај актуелната имунизација против Ковид 19, последните неколку години во државава е осовремен календарот за имунизација. Воведени се две нови вакцини – вакцина против ротавирус и пневмококна вакцина. Вакцините кои се набавуваат во нашата држава се од производители од земји членки на Европската Унија, одобрени од Светската Здравствена Организација и се употребуваат и во нивните држави. Од Министерството за здравство потенцираат дека високот опфат на имунизација кај населението создава колективен имунитет, спречува појава на заразни заболувања и го заштитува детето и возрасните, најблиските членови во семејството и пошироката заедница. При овој процес потребно е сите да бидеме активно вклучени со цел заштита на колективното здравје.
Во Република Северна Македонија, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација сѐ повеќе се зголемува. Првата вакцинација во Република Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза.