Детските игралишта во населбите Расадник, Милково Брдо, во селските населби Град, Тработивиште, добија нов лик. Таму заврши акцијата на делчевските млади волонтери поддржана од Општина Делчево со која се санираше оштетената урбана опрема, оштетените огради, се обележуваа игралиштата и се бојадисуваа клупите, летниковците и другата опрема.
Во рамките на акцијата која започна пред една година, волонтерите го разубавуваа целиот град и реагираа секаде каде има поставено урбана опрема, при што со акцијата беше опфатена и санација и бојадисување на канделабрите, оградите на мостовите и сл. Потребните материјали и средства за реализација на акцијата ги обезбеди Општина Делчево.
Градоначалникот Горан Трајковски изрази задоволство од текот на акцијата и од интересот на младите, но и на повозрасни членови од НВО-секторот во градот за својот придонес за поубаво Делчево. Во таа насока, тој најави продолжување на акцијата со која ќе бидат опфатени и други локации во градот и селските средини.
– Деновиве се работи на игралиштето во с. Габрово, по што ќе следуваат активности и на игралиштето во ООУ „Ванчо Прке“, како и санација на игралиштето во Таушанско Маало. Оваа акција претставува поттикнување на волонтеризмот во Општината, грижа за општинските добра и значи дека секој поединец носи одговорност за тоа како ни изгледа градот и се грижи за урбаната опрема. Посебно сум горд на младите кои ја прифатија акцијата и одговорно работат делчево да ни биде поубаво и почисто, рече Трајковски.
Во акцијата масовно се вклучија волонтери од Фолклорна група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, ПСК „Голак“ Делчево, од ОО на Црвениот крст, како и членови на други здруженија на граѓани од Делчево, а помош добиваат и од екипи на ЈКП „Брегалница“ Делчево.