По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска градоначалникот Горан Трајковски беше во посета на Дневниот центар за лица со посебни потреби, каде заедно со директорот на Центарот за социјални работи, Благој Стоименовски, извршија увид во финалните подготовки за отворање на Клубот за социјална инклузија „Интегра“ кој ќе ги постави темелите за создавање на првото социјално претпријатие во Делчево. Реализацијата на овој проект воведува нов квалитет на лицата со посебни потреби во Делчево, истакна градоначалникот Трајковски.
– Лицата ќе развиваат работни вештини кои ќе им послужат за нивно работно интегрирање. Ова е, всушност, почеток на еден вид социјално претприемништво кој започнува од Дневниот центар во Делчевo. Во рамките на Клубот за социјална инклузија е планирано да се опфатат 12 возрасни лица со посебни потреби и да се ангажираат дополнително 5 стручни лица за работа со овие лица, рече Трајковски.
Одговорното лице во Дневниот центар Александар Николов додаде дека по новогодишните празници Клубот ќе започне со работа.
– Набавена е опрема, сито- печат, модели за изработка на восочни свеќи, модли за гипсени производи, опрема за сечење и бигување хартија за изработка на хартиени ќесиња, машина за ШИЕЊЕ оверллок, фотокопир во боја, спортско- рекреативна опрема , компјутери и др. Во тек се набавките на репроматеријали, истакна Николов.
Воведувањето на новата социјална услуга за лица со попреченост е добра практика која овозможува поголема интеграција на овие лица во општеството.
– Од овде заедно да испратиме уште еднаш порака за поголема свесност за хендикепот, но и за почитување на правата на лицата со посебни потреби и да укажеме на придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница, порача Трајковски.
Клубот се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги финансиран од МТСП во висина од 2, 4 милиони денари со поддршка на Општина Делчево, а го имплементира Здружението на граѓани „Бравура кооператива“.