Седум тони пластичен отпад е собран од дводневната акција за чистење на Калиманско Езеро од отпад, акумулиран на брегот и во самото езеро, а организирана од Александар Дончевски, жител на Делчево. Во акцијата активно се вклучија претставници од Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“, како и еколошки и спортско-риболовните здруженија од Македонска Каменица и Делчево, локалните самоуправи, претставници од бизнис- секторот, како и граѓани волонтери.
Причина за акцијата е заканата од еколошка катастрофа на водното огледало на вештачката акумулација Калиманци, а најголемото загадување, според организаторот, Александар Дончевски, доаѓа од дивите депонии и затоа тој апелираше да се поработи повеќе на подигање на свеста кај граѓаните, со цел ваквата слика да не се повторува.
Игор Жежовски од Општина Делчево апелираше до граѓаните кои гравитираат по должината на реката Брегалница која поминува низ три општини, да ја почитуваат животната средина и да ги сменат навиките, бидејќи пловечкиот отпад има катастрофални последици по флората и фауната.
Организаторот најави редовни акции за чистење на Езерото и вклучување на млади волонтери во акцијата.