Врнежите од снег кои од утрово се интензивни, ги мобилизираа екипите на ЈКП „Брегалница“ и економскиот оператот „Дикор цд“ од Струмица задолжен за зимско одржување на општинските патишта и улици на подрачјето на Општина Делчево.
Со механизација и рачно екипи на ЈКП „Брегалница“ од утрово работат на терен на расчистување на снегот од јавните површини, пристапни патеки, коловози и тротоари на градските улици. Во функција се ставени 2 градежни машини, фреза за чистење снег од тротоарите, а се нанесува и сол и ризла со цел безбедно движење по улиците, но и редовно одвивање на работите на Претпријатието.
Од ЈКП „Брегалница“ информираат дека се обезбедени доволно количини ризла и сол, а претпријатието има спроведено и јавна набавка и склучено договор со локална фирма од каде, согласно со потребите, сукцесивно ќе се набавуваат дополнителните количини на ризла и сол.
Инаку, патиштата и улиците се чистат согласно со приоритетната листа, а во Планот е предвидено зимското одржување на патишта со асфалтен коловоз да опфаќа патишта во должина од 80,5 км, општински патишта со макадам коловоз 42 км и улици со асфалтен коловоз во должина од 38,5 км.
Воедно, се апелира до граѓаните да си ја исполнат својата граѓанска должност и да го исчистат снегот од пристапите до нивните објекти, односно дворови. Посебно се апелира до правните лица да го исчистат делот пред нивните објекти со цел да се овозможи непречено движење и пристап до објектите.