Градење мир, култура и интеркултурулизам, решавање конфликти, но и кариерно советување и можности за долгорочно вмрежување се дел од целите на поектот „Супер училишта“ кој ги зближи двете средни училишта во Делчево и во Пирот, Р Србија. Во делчевската гимназија „Методи Митевски – Брицо“ во тек се активностите од проектот во чии рамки се реализира првата размена со средното стручно училиште од Пирот, Р. Србија.
Проектот е организиран од Регионалната канцеларија за соработка со младите (RYCO) и Германската организација за регионална соработка (GIZ), а во рамки на активностите од првата училишна размена, како што информираше в.д. директорката на делчевската гимназија, Дијана Цонева, ќе се реализираат серија обуки од повеќе области.
-Како училиште чувствуваме посебна гордост и чест што имаме ученици и млади луѓе што се подготвени за личен и професионален развој вклучувајќи се во разни воннаставни активности. Програмските активности од самиот проект ќе се одвиваат во просториите на нашето училиште, преку серија обуки организирани од страна на личниот координатор и надворешни експерти. Се надевам дека ќе ги реализираме успешно и ќе имаме успешна размена со учениците и професорите од училиштето од Пирот и соработката ќе продолжи и понатаму, истакна Цонева.
Желеанка Демирова, координатор во проектот, истакна дека програмските теми за работа во рамки на првиот ден од активностите помеѓу двете училишта ќе бидат насочени кон културата и интеркултурализмот.
-Ова е нашиот прв ден за работа за програмските теми. Останатите теми се „Градење мир“ и „Насилството и решавање на евентуалните конфликти“. Освен тоа, имаме и додатни вредности на проектот, како што се кариерно советување, пронаоѓање таленти преку работилници кои ќе бидат водени по предлог на самите ученици со главна цел поврзувањето меѓу двете училишта, рече Демирова.
За професорката Марија Чириќ, ваквите патувања во рамки на овие проекти ќе им послужат за поголемо запознавање со останатите култури.
-Најголема добробит од сево ова имаат децата, бидејќи така учат најмногу. Нашето средно стручно училиште е меѓу најмладите во регионот, имаме два образовни профили, техничар за полимери и фризери, а од следната училишна година го воведуваме и профилот за маникир и педикир. Вкупно учат 140 ученици и делуваме како едно семејство, рече Чириќ.
Првата размена во рамки на проектот ќе трае до 16 април, а втората ќе се одвива во Пирот од 8 до 14 мај годинава.
Проектот е кофинансиран од Европската унија и Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ).