Денеска во Делчево, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчовска и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, го потпишаа Договорот за изградба на новата детска градинка во Делчево. Градинката ќе се гради на локација во населбата Расадник, а нејзиниот капацитет е 150 дечиња.
Градоначалникот Трајковски, изрази благодарност до министерката Тренчовска и до МТСП затоа што ги препознаа потребите и излегоа пресрет на потребите на дечињата во Делчево. За Трајковски изградбата на градинката е посебно значајна, бидејќи станува збор за инвестиција во најмладите.
-Инвестираме во раниот детски развој, созаваме современи услови за згрижување и воспитување на дечињата, овозможуваме сите дечиња кои се на листата за чекање за прием во детската градинка, да влезат во воспитно-образовниот систем и да се подготвуваат за училишните клупи. Воедно, овозможуваме на младите родители згрижување на нивните дечиња, работа со нив по одредени планови и програми, но се создаваат услови и за нови вработувања, рече Трајковски.
Трајковски додаде дека изминатиов период посветено се работеше за да се оствари ова ветување пред граѓаните и да се изгради уште еден капитален проект кој ќе биде украс на градот и кој ќе сведочи за мотивираноста да се направи Делчево убаво место за живеење и да се одговори на потребите на сите категории граѓани.
За МТСП вложувањето во раниот детски развој е приоритет.
– За тоа потврдува бројката од 69 изградени градинки од 2017 година до денес и опфат на околу 4300 деца во предучилишно згрижување и воспитание. Истовремено, вложуваме во зајакнување на компетенциите на стручниот кадар во нив, нагласи министерката Тренчовска.
Вкупната вредност на проектот за изградба на новата детска градинка во Делчево е 50,6 милиони денари со ДДВ и за опремување дополнително уште 5,6 милиони денари. Општина Делчево учествува со околу 5% во изградбата.
Инаку, министерката Тренчовска денеска престојува во работна посета во Делчево при што, освен средба со градоначалникот, ќе оствари и посета на институциите во надлежност на МТСП.