До доцните вечерни часови синоќа на летната сцена пред Спомен домот АСНОМ во Делчево, играа и пееја десетина културно-уметнички друштва и фолклорни групи од земјава и странство, учесници на годинашново дваесет и седмо издание по ред на Меѓународната фолклорна манифестација „Голачки фолклорни средби“.
И годинава „Голачките фолклорни средби“ се во организација на Општина Делчево и НУЦК„Н.Ј.Вапцаров“-Делчево.
Со пригодна реч учесниците во програмата и гостите ги поздрави и средбите за отворени ги прогласи градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, кој истакна дека е посебно горд што општината уште еднаш дава посебен придонес во промоцијата и сочувувањето на народната фолклорна уметност.
- Како градоначалник ми претставува чест што сум покровител и организатор на овој фестивал и што испишуваме нови страници од оваа стара и вредна традиција. Благодарение на вљубениците на фолклорот, почитувачите на народната уметност и презентерите на нашето фолклорно културно богатство создаваме и оставаме во наследство репрезентативно богатство кое е нашата гордост и зборува за нашата традиција и идентитет, рече градоначалникот Трајковски.
Во рамки на меѓународниот фолклорен фестивал се одржа и дефиле, по што на летната сцена во градскиот парт во Делчево настапија 10 групи од земјата и странство.
На сите учесници на Фестивалот организаторот – Општина Делчево и Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево им врачи плакети и благодарници.