Денеска во Делчево пристигна донација наменета за ученици кои потекнуваат од семејства кои живеат во социјален ризик од ООУ „Св.Климент Охридски“. Донацијата се состои од ученички чанти и прибор, обувки и јакни, а ќе ја добијат 54 ученици од училиштето.
Донацијата е обезбедена од Црвената полумесечина на Турција, Меѓународната фондација „Балкан“ и Здружението на иселеници Македонија-Турција, а е во рамките на донаторската акција „По стапките на синот Фатихан“. Директорот на ООУ „Св.Климент Охридски“, Горан Димитровски изрази благодарност за донацијата и за долгогодишната соработка на ова училиште со овие хуманитарни организации од Република Турција при што потенцираше дека секоја донација е важна и значи поддршка на учениците од ранливи категории.
-Службите од училиштето претходно направија соодветна анализа и селекција, со цел помошта да заврши кај оние ученици на кои им е најпотребна. Оваа донаторска акција е во насока да се помогне на секој ученик и секој ученик да биде подготвен за стартот на новата учебна година. И уште еднаш изразуваме благодарност до донаторите, бидејќи Делчево и нашето училиште се наоѓаат на мапата градови, каде што ќе се дистрибуира помошта од организациите од Турција, рече Димитровски.