Апел до граѓаните: Да не се создаваат диви депонии

Деновиве заврши чистењето на 4 од предвидените 5 диви депонии, мапирани во Општина Делчево.  Исчистени се: депонијата за градежен шут Ралова Чука, депонија во с. Град, депонијата под Попов Мост,  депонија кај Тработивиште, а деновиве се очекува да се исчисти и депонијата кај мостот на улица „Индустриска“. Чистењето на депониите е во рамките на ЕУ-проектот „Затворање непрописни депонии/ѓубришта од Источниот и Североисточниот регион“ со кој е предвидено затворање на нестандардните и дивите депонии во регионот. Проектот се реализира преку Министерство за животна средина, а изведувач на работите е фирмата „Ескаватори“.

Целта на оваа активност е да се исчистат дивите депонии и отпадот од нив да биде префрлен на градската депонија Острец со што ќе се придонесе за почиста и поздрава животна средина и почисто и пубаво Делчево. Од депонијата Ралова Чука е транспортиран отпад од околу 16.000м3.

Општина Делчево уште еднаш апелира до граѓаните за поголема свест и одговорност за животната средина и да не се создаваат диви депонии. Посебно се потенцира да не се фрла комунален отпад и градежен шут на депонијата РаловаЧука. Граѓаните да го носат градежниот шут на градската депонија Острец или да пријават во ЈКП „Брегалница“.

Исто така, се информираат граѓаните дека ќе се зачестат контролите на критичните точки во Општината, посебно на депонијата за градежен шут Ралова Чука. Воедно, за секој поединец или фирма кои ќе ја продолжат практиката за фрлање отпад на недозволиви места ќе се применат казнените мерки согласно со законската регулатива. За собирање на комуналниот отпад е надлежно ЈКП „Брегалница“.

Shares