Ќе се градат фотоволтаици на СОУ „М.М.Брицо“

  • Новости

Градоначалникот Горан Трајковски со директорката на ФООМ, Фани Каранфиловска-Пановска, денеска го потпиша Договорот за изградба на фотоволтаична централа во СОУ „М.М.Брицо“. Инвестицијата за инсталирање на фотоволтаична централа за производство на електрична енергија од сончева енергија е вредна  1.1 милион денари и е обезбедена преку проектот на ФООМ „Пилотирање  соларни панели во училиштата во Република Северна Македонија“.

Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до ФООМ за инвестицијата посочи дека е ова значајна инвестиција во време на енергетска криза и ќе донесе заштеда на електрична енергија на делчевската гимназија.

– Ова е значајна инвестиција и во време на енергетска криза, ќе донесе намалени трошоци за електрична енергија за средното општинско училиште, средства кои потоа можат да се искористат за други потреби на училиштето. Сакам да истакнам дека пред две години училиштето изгради енергетско-ефикасна фасада што во комбинација со ставањето во функција на фотоволтаичната централа-значи сериозен процент на заштеда на енергија и максимално искористување на сончевата енергија. Оваа инвестиција доаѓа во вистинско време со што уште еднаш се покажа на дело дека оваа организација ги слуша потребите на општините и максимално одговорно, бара начини да се помогне, тогаш, кога е најпотребно, истакна Трајковски.

Фондацијата Отворено општество – Македонија – ФООМ идентификуваше училишта во помали населени места, рурални и урбани во кои по утврдување на соодветните технички можности за изведување, донира инсталација на фотоволтаични соларни системи на 5 училишта. Освен за Делчево, оваа донација е предвидена да се реализира и во Валандово, Чучер Сандево и Центар Жупа.

Општата цел на проектот е да се ​​овозможи искористувањето на сончевата енергија и рационално користење на енергијата во пилот -училиштата со што ќе се поддржи еколошката транзиција на институциите, а истовремено ќе се стреми кон создавање т.н. зелени училишта преку едукација и вклученост на учениците и вработените за енергетска ефикасност.

Инаку, Трајковски посочи дека енергетската ефикасност и зелената агенда се високо на агендата и главните политики кои носат развој на Делчево.

-Досега имаме поставено фотоволтаици на три јавни објекти: општинската зграда, ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“. Преку европски проект, но и со сопствени средства на Општината, инвестиравме во енергетски ефикасно јавно осветлување, и заменивме околу 1000 живини светилки со лед-економични светилки, а деновиве треба да започне и инсталирањето на уште 90 лед-светилки кои ги обезбедивме преку  Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран преку Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка),  во висина од 1,4 милиони денари, рече Трајковски.

Општина Делчево започна постапка за изработка на Стратегија за енергетска ефикасност со поддршка на ХАБИТАТ-Македонија, а издадени се  и одобренија за изградба на 11 фотонапонски централи од кои, 6 фотонапонски централи  се поставени на земја со вкупна инсталирана моќност од 4.746 КВ, а 5 за фотонапонски панели на кров со вкупна инсталирана моќност од 947 КВ. 

Shares