Почна рехабилитацијата на земјоделскиот пат во Средни Бавчи

  • Новости

Во месноста Средни Бавчи денеска започна рехабилитацијата на земјоделскиот пат со што се решава горливиот проблем со патната инфраструктура за земјоделците кои имаат земјоделски површини или објекти во овој дел на Делчево. Со проектот се предвидува рехабилитација на земјоделскиот пат во должина од околу 800 метри со тампонирање и со променлива ширина на патот од 3,5 м до 4 м., а работите ги изведува ЕМРАХ- ИНТЕРТРАНС ДООЕЛ Зелениково. Вредноста на работите е околу 1 милион денари со ДДВ.

Рехабилитацијата на земјоделскиот пат се реализира со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој преку Програмата за рурален развој, мерка 124- Инвестиции во инфраструктурата за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, подмерка 124.3 – Инфраструктура за прстап до земјоделско земјиште, врз основа на Програмата за финансиска поддршка за рурален развој.

Според градоначалникот Трајковски ова е уште една значајна инвестиција и наш одговор на барањата на земјоделците.

– Рехабилитацијата на овој земјоделски пат, значи полесен пристап до земјоделските површини или до нивните индивидуални земјоделски стопанства. Сведоци бевме дека при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште на овој терен. Оваа инвестиција е наш одговор на барањата на земјоделците и, во таа насока, продолжуваме понатаму. Ќе искористиме вакви и слични повици со кои ќе обезбедиме поддршка за решавање на проблемите на земјоделците поврзани со земјоделската патна инфраструктура во општината, истакна Трајковски.

Со реализацијата на овој проект се заокружува првата фаза од циклусот инвестиции во земјоделската инфраструктура со која за рехабилитација беа предвидени над 3.1 км земјоделски патишта. Деновиве заврши и рехабилитацијата на земјоделскиот пат во месноста Долни Бавчи во должина од 1.000 м кој се реализираше преку Центарот за развој на ИПР, додека минатата година беше завршена рехабилитацијата на земјоделскиот пат с. Вирче-с. Град во должина од 1.320 метри.

Shares