Владата ќе помогне во санација на штетите во Општина Делчево

  • Новости

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за животна средина Каја Шукова, заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта Костадин Ацевски, деканот на Градежен факултет проф. д-р Горан Марковски, денеска беа во посета на Општина Делчево, каде се сретнаа со градоначалникот Горан Трајковски и пратеничката Соња Михаилова и извршија увид на штетите предизвикани од силното невреме што го зафати регионот.

Градоначалникот Трајковски детално информираше околу настанатите штети и потенцираше дека потребна е силна поддршка од централната власт и поширока акција за овие штети да бидат санирани што е можно поскоро, а животот на граѓаните во Делчево иДелчевско да се врати во нормала.

Министерот Бочварски истакна дека Владата застанува комплетно во поддршка на Општината.

– Граѓаните да бидат уверени, заеднички ќе ги надминеме овие тешки моменти. Институциите се ангажирани, заедно со општината и градоначалникот Трајковски ги утврдуваме сите настанатите штети, особено во делот на инфраструктурата. Најважно е неопходната инфраструктура да ја вратиме во една нормална состојба, екипи на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта веќе работат на најоштетените пристапни патишта до градот и уверувам дека се што е наша моќ ќе сториме за да го вратиме нормалното живеење во општината. Владата застанува комплетно во поддршка на Општината на градоначалникот и сите штети кои се настанати ќе ги решиме и финансиски и технички, истакна Бочварски.

Општина Делчево в понеделник ќе испрати комплетен извештај за настанатите штети до Владата по што на наредната Седница на Владата се очекува финансиска и техничка поддршка за санација на штетите.

Во меѓувреме, ЈП за одржување магистрални и регионални патишта работи на санација на пропустот на магистралниот пат А3, а се најави и ставање во функција на  алтернативни патиша за Делчево.

 

 

Shares