Се реконструира локалниот пат за с. Стамер

За прв пат од изградбата на локалниот пат за с. Стамер се работи на комплетна и темелна реконструкција со што овој патен правец ќе овозможи безбедна сообраќајна комуникација и ќе одговори на потребите на граѓаните. Со реконструкцијата е опфатена вкупната должина на локалниот пат од 1.3 км, односно од клучката од регионалниот пат Делчево-Берово до влезот на селото, а предвидената ширина на патот е од 3,5 м и банкини.

Денеска градоначалникот Трајковски направи увид на работите при што истакна дека реконструкцијата на овој локален пат ќе ja подобри сообраќајната комуникација со селото, ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот и ќе влијае на подобрување на условите за живот на граѓаните.

-Реконструкцијата на локалниот пат за с. Стамер е наш одговор на барањата на жителите од селото. Патот беше доста оштетен и во многу лоша состојба и со оваа реконструкција создаваме услови за безбеден сообраќај и современ пристап до селото. Наша цел е значително да ја подобриме состојбата со патната инфраструктура во Општина Делчево. Како и што најавивме, работиме по приоритети и во оваа прилика ќе ја најавам и реконструкцијата на локалниот пат за с. Разловци со вкупна вредност од 50 милиони денари, средства од ЈПДП, а работите ќе ги изведува ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, работите треба започнат наскоро, рече Трајковски.

Средствата за реконструкција на локалниот пат за с. Стамер се обезбедени преку МТВ во износ од 5.143.644,4 денари со вклучен ДДВ. Градежните работи ги изведува СТОИМЕНОВ  ДООЕЛ Кочани.

Shares