Делчево во знак на фолклорот и традицијата

  • Новости

Дарко и Тамара Спасови ја крунисаа својата љубов на стар автентичен начин со адети оставени од дамнина во Пијанечко-малешевското поднебје. Тие денеска беа главни ликови на традиционалната Пијанечко-малешевска свадба која годинава го има своето 17-то издание, како придружна манифестација на Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево-фест“..

Младоженецот Дарко и невестата Тамара денеска беа примени од градоначалникот Трајковски, кој на младите им ја врачи традиционалната награда од Општина Делчево, парични средства во износ од 12.000 денари посакувајќи им долг заеднички живот и многу дечиња.

–       Им го честитам бракот на младите, им посакувам долг и среќен заеднички живот, посебно им честитам што тие ја продолжуваат старата традиција и што со нив продолжува да живеат старите свадбарски обичаи кои под влијание на новото време полека паѓаат во заборав. Традицијата е таа која го чува нашиот идентитет и наша обврска е да ја продолжиме, да ја промовираме и да се гордееме со неа, бидејќи таа ни е оставена како аманет од  нашите предци. Посебно изразувам задоволство што организаторот на традиционалната свадба КУД „Гоце Делчев“ успеа да ја сочува свадбарската традиција и на тој начин да ја сочува и да ја промовира богатата палета свадбарски обичаи од овој регион. Уште еднаш им посакувам на младите долг и среќен брак, благословен со многу дечиња, рече Трајковски.

Свадбарските адети ќе бидат промовирани на летната сцена во рамките на 47-тиот по ред Меѓународен музички фолклорен фестивал „Делчево-фест“ на кој ќе настапат 20 фолклорни групи и солисти од земјава и од Србија, Бугарија и Турција.

Организатор на манифестацијата е Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ во соработка со соседните општини и здруженија од областа на културата. Покровител на „Делчево фест“ е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерство за култура на Република Македонија.

Shares