Устоличен првиот епискот на Делчевско-каменичката епархија

  • Новости

Во Црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево беше извршено востоличувањето на епископот Марко на чело на новоформираната Делчевско-каменичка епархија. Епархијата е формирана со одлука на Синодот на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и е една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Претставувањето на епископ Марко на света архиерејска литургија во Делчево го изврши неговото високо преосвештенство митрополитот Брегалнички г-н Иларион, а на настанот присуствуваа високи црковни претставници од земјава и Србија, градоначалниците и претставници од советите на двете општини, Делчево и М. Каменица и други гости кои со своето присуство го збогатија црковниот чин.

Епископот на новоформираната Делчевско-каменичка епархија по неговото назначување истакн дека епископот се поставува на служба, првенствено, за да ги принесува даровите на благодарење и да ја упатува заедницата на патот кон обожувањето.

-Тоа е програмата на секој архиереј на црквата Христова, тоа ќе биде и нашата програма на делување во оваа новоформирана епископија Делчевско-каменичка на која денес биваме поставени за епископ. За успех на мисијата која ни ја доверува црквата се надевамe на Божјата помош која е глава на црквата и кој ја стекна истата со својата крв. Во 127 псалм се вели ако Господ не ја согради куќата залудно ќе се трудат градителите нејзини. Ако Господ не го запази градот залудно ќе бдее стражата. Токму на тоа се надеваме како епископ, како помошник на Бога во ѕидањето и чувањето на црквата. Не дека на Бог му е потребна нашата помош, туку нам ни е потребно да бидеме негови помошници за да се вградиме во вечноста, рече епископот Марко.

Денешниот ден, како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, е голем ден за Делчево и верниците од православна вероисповед, ден кој носи гордост и за него како градоначалник претставува посебна чест што за време на неговиот мандат Делчево и Македонска Каменица добиваат своја епархија.

Седиштето на Епархијата со црковната администрација ќе биде во Делчево со што пристапот на граѓаните до црковната администрација ќе биде олеснет. На неговото преосвештенство, владиката Марко, му посакувам долг живот, неговото свето слово да нè носи поблиску до Бога, да нè води со чиста мисла и со молитва и со духовна храна да се издигнуваме над тешкотиите. Историјата покажала дека верата е она што нè идентификува и нè движи напред и е спасение за секој човек. Нека е среќен и вековит овој ден, рече Трајковски.

Одлуката Делчевско-каменичката епархија да биде формирана како посебна епархија е донесена на 20 јуни 2023 година како една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Седиште на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.

Shares