Делчево по повод 22 Септември – Светскиот ден без автомобили

  • Новости

Утре одете пешки, со велосипед или тротинет на работа, до училиште или на која било друга кратка дестинација со цел Делчево да даде свој придонес во намалување на  загадувањето од автомобили и промоција на возилата за микромобилност, со што се вклучуваме во одбележувањето на Светскиот ден без автомобили, 22 Септември.

За таа цел, во организација на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево се планирани неколку активности преку кои се врши промоција на овој начин на транспорт за кратки патувања во населените места и унапредување на нивната безбедна употреба преку едукација, а во рамки на кампањата за мобилност и безбедно учество во сообраќајот. Активностите е планирано да се реализираат во градскиот парк во Делчево на 22 септември со почеток од 11:00 часот, а се однесуваат на:

  • Возење на полигон за велосипеди за деца од V, VI и VII одделение;
  • Трка со тротинети за деца 5 – 6 год. (предшколска возраст) и III и IV одд.;
  • Едукативно катче каде е предвидено боење во боенки на тема „Микромобилност“ (предшколска возраст и I и II одделение);
  • Цртање на тема „Патувам безбедно со тротинет и велосипед“ (со креди и боички)предвидено за предшколска возраст и I и II одделение.

За да го поддржиме овој ден и со личен пример и одговорност да им покажеме на најмалите учесници во сообраќајот дека патувањата на кратки реалции може да се извршуваат и со друг вид превозни средства освен автомобилите, Ве повикуваме на овој ден да патувате со алтернативните начини на превоз: велосипед, тротинет или пешачење.

Пешаците, возачите на велосипед и тротинет припаѓаат во групата на ранливи учесници во сообраќајот и затоа Општина Делчево и ОСБСП Делчево АПЕЛИРА до возачите на моторни возила одговорно да учествуваат во сообраќајот и да се движат со зголемено внимание и намалена брзина покрај овие учесници во сообраќајот.

Секоја година на 22 Септември во светот се одбележува Светскиот ден без автомобили (World car free day) со најразлични активности преку кои се поттикнуваат луѓето да се откажат од автомобилите еден ден и за своите патувања да користат алтернативни начини на превоз, како јавен транспорт, велосипед или пешачење.

Овој ден се одбележува и во рамки на Европската недела на мобилност која е иницирана од страна на Европската комисија и се спроведува како кампања во периодот од 16 до 22 септември секоја година со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и промовирање алтернативни и иновативни решенија за урбан транспорт (намалување на загадувањето и унапредување на квалитетот на живот). Оваа година темата на Европската недела на мобилност е: „Се движиме квалитетно – штедиме енергија“.

Да се потсетиме како безбедно да управуваме со велосипед, велосипед со помошен мотор и тротинет:

  • Возачот на велосипед и велосипед со помошен мотор е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека односно лента!
  • Ако двајца или повеќе возачи на велосипед и велосипед со помошен мотор кога се движат во група се должни да се движат еден по друг!
  • Возачот на велосипед и велосипед со помошен мотор е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот!
  • Деца до 14 годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица!
  • Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, треба да носат заштитен шлем на главата за време на возење на патот, аноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек!
  • На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптер со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на најмалку бочните страни!
  • Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст!
  • Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента и тоа со брзина не поголема од 25 км/ч, а доколку не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци и тоа со брзина не поголема од 6 км/ч!
  • Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото!
  • Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото!
  • Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот!
  • На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна!
Shares