Со низа активности организирани од учениците од двете основни училишта се одбележа Светската недела на детето. Традиционално, по повод Неделата на детето во двете основни училишта беа организирани свечености на кои првачињата положија заклетва и станаа дел од Детската организација.
Недела на детето e недела кога се прави ретроспектива за тоа што сме направиле за децата, но и интензивно се потенцира за правата на децата. Целта на сите настани е да се поттикне подобрување на состојбата со правата на децата.
По повод Неделата на детето, ЈЛБ „Илинден“ организираше настан во кој се вклучија третооделенците од ООУ „Св.Климент Охридски“ кои изработија ѕидни весници, на кои пишуваа и цртаа во чест на Неделата на детето.
– Овие нивни прекрасни творби од понеделник ќе бидат изложени на влезот од библиотеката и сите наши сограѓани во секое време можат да дојдат да ги видат во наредните неколку дена. Библиотеката упатува огромна благодарност до сите дечиња и до нивните наставнички Јулија Крстевска, Васка Филипова и Даниела Петровска, што помогнаа и беа дел од одбележувањето на Неделата на детето, порача Билјана Петровска, директорка на ЈЛБ „Илинден“.
Вложувањето во децата е вложување во иднината, тие имаат право да живеат во демократски хумано општество, да се воспитуваат и да учат со цел да се надоградуваат и добро да се подготват за предизвиците во животот, порача денеска градоначалникот Горан Трајковски. Тој испрати честитки до сите деца, посебно до првачињата честитајќи им го зачленувањето во Детската организација и порача дека секое дете треба да има среќно и безгрижно детство, а обврската на секој родител, наставник, односно секој возрасен, е да го овозможи тоа.