Зошто ни се потребни превентивни прегледи и улогата на менталното здравје“ беше темата на трибината организирана од Здружението ,,Жена” од Делчево со поддршка на Општина Делчево и КЕМ, а по повод розовиот месец Октомври, месец на борба против рак на дојка.
Целта како што истакна Анита Цоневска, координатор на проектот е сензибилизирање на жените од Општина Делчево, за тоа колку е важно да се прават редовни прегледи за ехо на дојка и мамографски прегледи со акцент на подобро Ментално здравје.
-Целни групи се сите жени од Општина Делчево, вклучително значи жените од руралните средини и жените од маргинализираните заедници. Во тој контекст можам да ги најавам бесплатните ехо прегледи на доа со кои ќе бидат опфатени 29 жени од руралните средини, кои ќе се реализираат во наредниот период., истакна Цоневска.
Проектот се реализира со поддршка на Француската амбасада, а по тој повод Ирен Кетоф, аташе за соработка при француската амбасада, која присуствуваше на трибината истакна дека Организацијата ,,Жена”, е една од 7-те организации кои се добитници на нивниот отворен повик за проекти.
– Денес, од суштинско значење за спасување животи е превенцијата и скринингот за рак на дојка. Во Франција секоја година има околу 49 000 нови случаи на рак на дојка, а овој рак е вториот вид рак кој ги зафаќа и жените и мажите. Ако е откриен во рана фаза или ран стадиум, може да се излечи кај 9 од 10 случаи, порача Кетоф.
На трибината свои предавање имаа д-р Лилјана Тричковска, спец гинеколог, д-р Андријана Илиевска – Велковски, спец рендгенолог, д-р Билјана Ѓеоргиевска, спец психијатар и Дејан Глинцарски, специјалист за Гешталт– метода.
Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево работи посветено на темата за женското здравје, и редовно во годишните програми за работа, здравствената едукација и подигање на свеста за редовни прегледи за рано откривање рак на дојка, е високо на агендата на КЕМ. Иницијативата за воспоставување термини за нова здравствена услуга-ехо прегледи на дојка, беше прифатена од Здравствениот дом, така што денес жените од Делчево ќе можат да направат прегледи и ехо и мамографија во рамките на Здравствениот дом. Соработката со организации, како што е „Жена“, даваат значаен придонес за реализација на стратешките приоритети од програмата на КЕМ.