Отчет на градоначалникот Трајковски: Проекти во висина од 420 милиони денари за две години локална власт

  • Новости

Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, денеска ја презентираше работата на Општина Делчево за периодот 2021-23 година и ги потенцираше реализираните и планираните проекти кои се во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Делчево.

Почитувани сограѓани,

Во насока на почитување на начелото за транспарентност и отчетност, пред вас го нудиме отчетот за работата на локалната власт во изминативе две години, како временска дистанца во која се прави пресек на работите. Во овие 2 години, со гордост можам да кажам дека во Делчево се инвестираат проекти во висина од над 420 милиони денари, не сметајќи ги овде првичните средства од големиот проект за Подобрување на водоснабдувањето во износ од 7,3 мил швајцарски франци.

Во Општината се реализираа капитални проекти, ветувани со години, и докажавме дека со домаќинско и посветено работење може еден град како Делчево, да добие современ градски пазар по теркот на големите градови. Ја започнавме изградбата на новата детска градинка во населба Расадник; во полн ек е изградбата на пречистителна станица за вода за пиење, изградбата на водоводите во селата Ѕвегор и Габрово, завршиме со реконструкцијата на водоводната мрежа и замената на старата дотраена азбестна инсталација со нова пвц-инсталација со што го решаваме проблемот со квалитетот на водата за пиење и ги превенираме дефектите на водоводната мрежа; паралелно градиме и реконструираме улици; за прв пат се асфалтираше стариот пат Делчево-Тработивиште; го реконструиравме локалниот пат за с. Стамер и регионалниот пат за с. Разловци-одбран, како наш приоритет и по наше барање до ЈПДП.

Во почеток на реализација се уште доста капитални проекти, а се подготвува техничка документација за нови проекти. Сите овие проекти водат кон подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани и го менуваат ликот на Делчево, за да ни биде модерно и убаво, Делчево да ни биде наша гордост.

И повторно ќе потенцирам дека вложениот труд се исплати-бидејќи за својот роден град се работи. За Делчево и за моите сограѓани вложивме сѐ. Сите ресурси максимално ги ангажиравме за да кажеме: да, ние работиме, ние ја градиме нашата општина, која заслужува да биде европска урбана средина со задоволни граѓани.

За да нас е тежок период, обременет со здравствена, но и енергетска и економска криза. Но, исправени бевме и пред елементарните напогоди, посебно поплавите кои уништија дел од инфраструктурата во градот, а се заканија и по имотот на граѓаните. Одговоривме максимално со сите расположиви ресурси за да го вратиме животот во нормала, добивме значајна поддршка од Владата за да ја санираме оштетената инфраструктура. Но, продолживме со исто темпо во дореализацијата на проектите и посветено решавме децениските проблеми заборавени од сите претходни власти. Свесен сум дека има уште за работа, но со еден плански пристап, полека ќе ги затвораме отворните прашања.

Почитувани,

Како што истакнав, приоритет и во овие 24 месеци остануваат инфраструктурните проекти, за да донесеме развој, да изградиме капитални објекти кои ќе останат за генерации и генерации наши сограѓани и ќе сведочат за нашата посветеност да ги промениме работите на подобро.

Секогаш треба да наоѓаме добар извор на мотивација со поставување одредени цели и планови како да успееме во тоа. Ништо во животот не доаѓа без вложен труд,  дисциплина и континуитет. Без тоа, ништо не успева. Победниците се разликуваат од губитниците по тие квалитети. На небулозите и манипулациите креирани од безидејни партиски кујни одговараме со проекти и резултати и дела. И во наредниот период продолжуваме по истиот терк-за да ја оствариме нашата визија Делчево –европско со сите нишани и задоволни граѓани.

Shares