Денеска во Општина Делчево беше презентиран Извештајот од првото социјално мапирање на лица со попреченост и други ранливи категории граѓани. Имено Општина Делчево преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија-ЗЕЛС доби грант за спроведување на социјално мапирање, како дел од регионалниот проект „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“ кој го спроведува Мрежата на асоцијации на локални власти на ЈИЕ – НАЛАС. Проектот се спроведува во соработка со ГИЗ Германско друштво за интернационална соработка во име на Сојузното Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и тоа во две општини Делчево и Куманово.
Начелото Не оставај никој зад себе (LNOB) е централно и трансформативно ветување на Агендата 2030 на ОН која се стреми никој да не остане изоставен во напорите за одржлив развој. Ова подразбира дека властите ќе треба да посветат посебно внимание на потребите на најзагрозените и маргинализирани групи, како и да развијат наменски интервенции за осврнување кон конкретните потреби и предизвици. Економиите од регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се имаат обврзано да ги имплементираат Целите за одржлив развој (ЦОР) на Обединетите нации, додека пак локалните самоуправи ја имаат преземено обврската за остарување на Агендата 2030, почнувајќи од самото утврдување на целите и специфичните цели, па сè до средствата за нивно спроведување и користење на индикатори за мерење и следење на напредокот. Воедно со локализацијата на Агендата 2030 во фокусот на одржливиот развој се најдоа териториите и приоритетите на луѓето кои живеат таму, како и нивните потреби и ресурси. Повеќе од кога и да е претходно, постигнувањето на ЦОР зависи од способноста на локалните самоуправи да поттикнуваат интегриран, инклузивен и одржлив територијален развој. Во таа насока Општина Делчево досега го реализираше процесот на социјално мапирање на ранливите категории граѓани , со посебен фокус на потребите на лицата со попреченост, жени и девојки со попреченост.
Извештајот кој денеска беше презентиран од страна на проф. д-р Јован Ананиев, професор на Правен факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип и претставник на Центарот за европска граѓанска иницијатива, којашто организација е партнер во спроведување на социјалното мапирање, е од исклучителна важност за Општина Делчево во делот на интегрирање на препораките кои се дадени во самиот Извештај во стратешките документи од областа на социјалната заштита и во делот на проширување на социјалните услуги за ранливите категории граѓани.
Со самото социјално мапирање дополнително Општина Делчево ќе добие поддршка за обезбедување услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост и советувалишна и советодавно-тераписка работа .