Комисијата за доделување награди и признанија на Општина Делчево одлучи годинава општинската награда „7 Септември“ да ја додели на здравствен работник, на д-р м-р Гоце Стојменовски, лекар со 14- годишно работно искуство од кои последните 10 години непрекината работа во Итната медицинска служба при Зравствениот дом „Гоце Делчев “ во Делчево.
Како што потецираат од Комисијата, актуелната пандемија го сврте вниманието кон здравството и здравствените работници, па оваа 2020 година е година на здравствените работници. Нивното значење во здравствената заштита посебно во малите места соочени со долгогодишниот проблем со одлив на здравствени работници, е огромно, а со доделувањето на наградата на здравствен работник, Општина Делчево испраќа порака дека дава поддршка на здравствените работници, на сето тоа што тие го работат за доброто на граѓаните и уште еднаш го свртува вниманието на јавноста кон значењето на здравството и здравствениот систем.
Д-р м-р Гоце Стојменовски е добитник на повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата за „Најдоброто од Истокот“ во областа на здравството за 2017 г. која традиционално ја доделува Регионалниот актив на ЗНМ.
По повод 7 Септември, градоначалникот на Општина Делчево ќе додели посебно општинско признание-плакета за посебен придонес во афирмација на фолкорното наследство од Пијанец на Зенил Реџепов-Стручни за неговата 45-годишна дејност во областа на фолклорот, како и раководител и кореограф на КУД „Гоце Делчев“. Како вистински амбасадор на македонскиот и делчевскиот фолклор, Реџепов е добитник и на многу меѓународни награди и признанија. Реџепов и КУД „Гоце Делчев“ се организатори на традиционалната „Пијанечко-малешевска свадба“и традиционалниот „Делчево-фест“.
Доделувањето на наградите е на Свечената седница на Советот по повод Денот на ослободувањето на Делчево, 7 Септември.
Views: 1,122