Продолжува засадувањето украсни садници по должината на парковското зеленило на булверот „Македонија“ на излезот од Делчево кон Граничниот премин. Во оваа пролетна акција, екипи на ЈКП „Брегалница“ засадуваат 400 украсни садници од видот: KATALPA NANA- 100 садници; TUJA SMARAGD OCCIDENTALIS-200 садници; TUJA SMARAGD SPIRALA -50 садници и LEYLANDII POM POM- 50 садници;
Садниците ги набави Општина Делчево во тендерска постапка при што од Буџетот се одвоени 261.370,00 денари со вклучен ДДВ, а економски оператор е „Градина цвет“ од с. Владиевци Василево, како најповолен понудувач.
Градоначалникот Горан Трајковски кој направи увид во текот на акцијата истакна дека се продолжува со намерата да се збогатат содржините во јавните зелени површини во градот.
– Минатата есен на дел од овој булевар засадивме 169 украсни садници и заедно со новите 400 садници, целосно ќе го збогатиме изгледот на парковскиот дел од булвераот овој дел од градот. Украсните садници даваат посебен и богат изглед на булеварот кој е фреквентна сообраќајна артерија за транзит на возила за влез и излез од земјава. Но, несомнено е и дека ќе се влијае и на прочистување на амбиенталниот воздух и со тоа директно придонесуваме кон почиста животна средина, истакна Трајковски.
Трајковски потенцираше дека како локална самоуправа во континуитет се вложува во унапредување на квалитетот на животна средина.
-Тоа е дел од нашите локални, но и централни политики. Тоа се потврдува и преку рамката „Акција21“, каде токму заштитата на животната средина е еден од врвните приоритети. Казните за загадувачите се зголемени за 20 пати, 100 милиони денари се обезбедени за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, за зголемување на енергетската ефикасност, како и за обновување на урбаното зеленило. Но во тој процес освен од локалната самоуправа, освен од надлежните институции, потребна е посветеност и ангажираност на секој поединец. Заедно да придонесеме за чиста и здрава средина, порача Трајковски.
Инаку, во моментов на јавните парковски површини во Делчево, екипи на ЈКП „Брегалница“ засадуваат и 1000 пролетни цвеќиња, а изминатиов период се спроведе и акцијата за чистење на дивите депонии создадени на повеќе локации во градот и населените места.