Делчево го чествува аманетот

  • News

Централната манифестација по повод 145 години од Разловечкото востание ќе се одржи на 28 мај во селото Разловци. Покрај планираните традиционални настани кои ќе се одржат во дворот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“, а се организираат согласно со протоколите за заштита од ковид 19, на 28 мај во Разловци ќе биде отворена и детската градинка во селото, прва детска градинка отворена во рурална средина во Општина Делчево. Градинката е сместена во ПУ „Св. Климент Охридски“ во с. Разловци, а инвестицијата во висина од 4 милиони денари е на МТСП.

На 20 мај во салата од спомен-домот „Разловечко востание“ во Разловци ќе бидат изложени делата од ликовната колонија „Разловци на платно“ создадена од дела од повеќе локални автори во 2019 г.

На 25 мај во фоајето на Спомен-домот АСНОМ во Делчево ќе биде отворена и самостојната изложба „Квадрантна боженственост“ на уметникот Валентина Илијевска од Куманово, магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство.

Претходно, во пресрет на годишнината од Разловечкото востание, делчевски планинари од ПСК „Голак“ го организираа традиционалниот марш „По патеката на востаниците“.

Мотото на манифестацијата  „Делчево го чествува аманетот“, обединува два значајни датуми за Делчево, 145 години од Разловечкото востание и Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, а настаните се во организација на Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ ЈЛБ „Илинден“ , КУД „Гоце Делчев“.
Shares