КЕМ: Работна средба со претставнички на политичките партии во Делчево

  • News

Жените од сите политички партии во Делчево на работната средба под мотото „Жената битна алка во креирањето на јавните политики“, порачаа: „Жените пропорционално застапени и рамноправни учесници во работата на Советот на Општината; морална и правна помош за секоја жена при напад на нејзиниот чест и углед.“

Во пресрет на Локалните избори 2021 г., работната средба беше организирана од КЕМ и координаторките при Општина Делчево, а активно учество зедоа претставнички од женските активи на политичките партии кои функционираат на терторијата на Општина Делчево, како и пратеничката во Собранието, Соња Михаиловска.

Настанот се организираше во рамки на Стратегијата за родовата рамноправност,  како дел од активностите насочени кон политичко јакнење на жените и поголемо учество на жената во јавните политики. Координаторката за еднакви можности, Сузана Петровска истакна дека целта на КЕМ на Општина Делчево е жените и мажите, да бидат пропорционално застапени – рамноправни партнери во Советот, подоцна во комисиите на општината, во управните одбори и извршните раководни позиции на локалните институции.

-Сите знаеме дека политичките партии го почитуваат потребниот процент на листите, но битно е и на кое место ќе бидат ставени жените на листите. Токму од тие причини денеска во Советот на општината, жените се застапени со 30 проценти, а не со 40 проценти. Од бројот на застапени жени во Советот на Општината ќе зависи и бројот на жени во органите на управување. Мене лично како координатор за еднакви можности ме радува фактот што денеска успеавме да ги обединиме жените од сите политички партии за една единствена цел „Жените и мажите, пропорционално застапени и рамноправни партнери во Советот“, додаде Петровска.

Актулениот пратеник во собранието и актуелен претседател на Комисијата за здравство, Соња Михаиловска рече дека улогата на жената при креирањето јавни политики е од особена важност, потенцирајќи дека жените треба рамноправно да се борат со мажите за постигнување на зацртаните цели.

Ваквите активности се особено важни во сите сфери на општеството. Мене како жена пратеник ми припадна најголемата функција да ја претставувам Општината во законодавниот дом, а воедно ги претставувам жените и како член на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите жените. Со задоволство можам да кажам дека како дел од оваа Комисија го изгласавме и Законот за еднакви можности помеѓу мажите и жените, а меѓу првите закони коand го изгаласавме е Законот за спречување на насилството врз жените и семејното насилство, рече Михаиловска.

Потпретседателката на Партијата за целосна еманципација на Ромите од Делчево Џулиета Мемедова која учествуваше на настанот излезе со предлог за потпишување заедничка Декларација за еднаква застапеност на жените во политичкиот живот.

-Предлагам од овој форум да произлезе една декларација која ќе биде потпишана од сите учеснички на денешната средба, сè со единствена цел да им покажаме на мажите дека жените треба еднакво да бидат застапени на листите, односно да имаме застапеност 50-50 и на обата пола, рече Мемедова.

Заклучоците од одржаната работна средба ќе бидат доставени до сите политички партии.

Shares