Делчево го одбележува Светскиот ден на мајчиниот јазик

  • News

Со изложба на дела од македонски автори, Јавната локална библиотека ,,Илинден” се вклучува во одбележувањето на 21 Февруари – Светскиот ден на мајчиниот јазик. Изложбата е претставена во слики кои содржат кратка биографија за творештвото на авторите и извадок од нивни дела, а поставена е во просториите на библиотеката. Како што истакна директорката Билјана Петровска, целта на активноста е промоција на дел од авторите чие творештво ги поставува темелите на стандардизацијата на македонскиот јазик, но и младите генерации уште од мали нозе да учат за историјата и значењето на мајчиниот македонски јазик.

-Сите наши читатели ќе можат да разгледаат, научат, да се потсетат или yes прочитаат за сите нив. Преродбениците: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски, учебникарите Ѓорѓи Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Втората група автори се современите македонски автори: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Блаже Конески, како и Кочо Рацин и Петре М.Андреевски. Денес македонскиот јазик претставува целосно оформен, современ литературен јазик. Но, тоа не значи дека тука треба да застанеме. Напротив, треба постојано да се негува, да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Негувањето на сопствениот јазик значи постоење на еден народ. Младите генерации треба да се запознаваат уште од мали нозе со историјата и значењето на македонскиот јазик. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, зборува и твори на Македонски јазик, кажа Петровска по повод Светскиот ден на мајчиниот јазик.

Воедно, во образовните институции се одвиваат низа активности со цел да се потенцира значењето на мајчиниот јазик, а НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ распиша Литературен конкурс за поезија и проза на слободна тема.

Shares