Во тек се завршните работи за поставување на кровната конструкција на современиот градски пазар во Делчево, кој се гради од сендвич- кровни панели и транспарентен лексан.
По завршувањето на работите за изградба на кровната конструкција, се очекува распишување на тендерот за реализација на втората фаза од изградбата на современиот градски пазар за што Општина Делчево потпиша Договор со Центарот за развој на Источно-планскиот регион, во висина од 13,9 милиони денари за проектот. Согласно со потпишаниот Договор, обврската на Општина Делчево за доизградба на градскиот пазар е 4,8 милиони денари.
Вкупната вредност на проектот е 35 милиони денари, од нив во првата фаза, 7 милиони денари беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, додека во втората фаза од изградбата, обезбедени се средства од Министерството за локална самоуправа- Биро за регионален развој преку Центарот за развој на ИПР во висина од 13,9 мил. Останатите средства ги обезбедува Општина Делчево.
Со реализацијата на овој проект, Делчево за прв пат добива современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на најразновидната стока, како и соодветен паркинг– простор. Градскиот пазар е со површина на градежна парцела 11.599 м2 и површина за градење 6.944 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.
Инаку, во тек е изградба на нова улица која го поврзува новиот пешачки мост и новиот градски пазар со што се решава уште една инфраструктурна потреба која е во насока за заживување на овој дел од централното градско подрачје кое добива нов урбан лик.