Заврши изградбата на новата улица „3“ во Делчево

  • News

Со ставањето на вториот асфалтен слој, завршува изградбата на новата улица „3“ во централното градско подрачје. Улицата е во должина од 370 метри, ширина на коловозот од 6 м и тротоар од едната страна на коловозот со ширина од 2 метри. Исто така, изградена е и дополнителна лента од 66 метри која е предвидена за автобуско и такси стојалиште со што се добива комплетно сообраќајно решение на сообраќајницата која го поврзува новиот градски пазар, односно ул „Индустриска“, со улица 4 и пешачкиот мост на река Брегалница.

Увид во завршните работи на улицата денеска направи градоначалникот Трајковски кој потенцираше дека изградбата на новата улица е во рамките на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево – Изградба на дел од улица „3“ во Централното градско подрачје“ кој се реализира преку  Проектната единица на Министерство за финансиии – Проектот  за  подобрување  на  општинските услуги МСИП  финансиран преку Светска Банка и кофинансирање на Општина Делчево.

Изградбата на новата улица ќе даде квалитетно сообраќајно поврзување и ќе отвори нови перспективи, инвестиции и развој на овој дел од градот кој е во централното градско подрачје, но со децении стои неуреден и запоставен. Директна корист од реализација на овој проект ќе имаат сите жители на Општината и околните места, но и сите граѓани кои ќе го посетуваат новиот градски пазар, како и идните инвеститори во оваа централна зона, потенцираше Трајковски.

Изградбата на новата улица е во рамките на Вториот проект за подобрување на општинските услуги МСИП 2 преку кој се доискористуваат преостанатите средства од Договорот склучен со Министерството за финансии. Вредноста на проектот изнесува 8. 029 549,8 милион денари. Поголем дел од средствата, односно 5.266.748 денари се преку  проектната  единица на Министерство за финансии– Проектот  за  подобрување  на  општинските услуги МСИП  финансиран преку Светска  Банка. Останатите средства се обезбедени по пат на кофинансирање од Буџетот на Општина Делчево.

Shares